Во понеделникот во Лондон се одржа премиерата на долгоочекуваниот филм „The Odyssey“ во режија на Кристофер Нолан. На црвениот тепих блеснаа многу ѕвезди, меѓу кои и главните актери Мет Дејмон, Ен Хатавеј, Роберт Патинсон и Зендеја, која воодушеви со својата модна комбинација.
Зендеја во филмот ја игра улогата на Атина, која ја долови и преку креациите што ги носеше на премиерите одржани во последните неколку дена. За премиерата во Лондон избра структурен фустан од модната куќа „Schiaparelli“, дизајниран од Даниел Розбери. Модната куќа во соопштение за јавноста креацијата ја опиша како „блескав фустан со обликуван корсет од бел глазиран силикон со порцелански ефект“, кој има детали со врзување и стаклени реси. Актерката со фустанот носеше и ѓердан од 18-каратно бело злато со дијамант од 12,37 карати и 76,11 карати дополнителни дијаманти.

Подоцна во текот на вечерта Зендеја се пресоблече во фустан од модната куќа „Valentino“ со драпирана силуета и цветни детали.
Првиот фустан за вечерта за актерката го избра познатиот стилист Ло Роуч, кој го донесе во Лондон директно од модната ревија одржана на Париската недела на модата, само неколку часа пред почетокот на премиерата. Иако актерката ги воодушеви повеќето обожаватели со комбинацијата, некои беа згрозени од фактот дека фустанот ѝ пристигнал со приватен авион, како што откри стилистот.
Во виралното видео што го објави модниот критичар Лајас може да се види како Лајас покажува кон фустанот додека го прашува Роуч: „Вие го избравте овој аутфит за вечерашната премиера?“, на што стилистот одговорил:
„Да, долетав синоќа за да можам да дојдам на ревијата. Ме чека приватен авион“.
Неговата изјава, очекувано, не им се допадна на сите на социјалните мрежи.
„Приватен авион само поради фустан е длабоко неетички“.
„Ултрабогатите ме тераат да ја мразам модата. Ние сме принудени да купуваме половна облека, да поддржуваме локални дизајнери и слично. А некому во светот му треба фустан за пет минути“.
„Испраќаат приватен авион по фустан, а во меѓувреме ние пиеме вода што има вкус на хартија и дозволуваме да умираме од жештина без да ги вклучиме клима-уредите“.
„Како може да биде општествено прифатливо фустан да се доставува со приватен авион? Проклет фустан! Фактот дека ним тоа им е сосема нормално навистина ме вознемирува“, напишаа корисниците на X.
Слични коментари можеа да се најдат и на Редит, каде што разочараните обожаватели напишаа:

„Ќе бев згрозена и ако Тејлор Свифт го направеше ова и не правам исклучок за Зендеја. Ова е подеднакво одвратно, расипничко и апсурдно“.
„Слушајте, ја сакам Зендеја, но ова е прилично лошо. Ова е толку расипнички потег за фустан што го носеше само на неколку фотографии и не гледам зошто би требало да се воодушевуваме поради тоа. Можеа да почекаат неколку дена со оглед на тоа што имаа премиера и во Париз, а таму беше ревијата“.
„Овие луѓе навистина живеат живот целосно одвоен од реалноста. Парите ги штитат од толку многу нешта“, беа само дел од коментарите.
Додека нејзината комбинација од лондонската премиера предизвика контроверзии, онаа од Париз предизвика бран позитивни реакции. Зендеја и нејзините колеги во вторникот присуствуваа на „photocall“, на кој актерката пристигна во бел архивски фустан од „Givenchy“, кој пред речиси 30 години го дизајнираше покојниот Александар Меквин. Креацијата имаше долги и драматични ракави, а со неа носеше високи потпетици од брендот „Christian Louboutin“.

Сепак, најмногу внимание привлече златниот украс што Зендеја го носеше на главата, а кој со својот изглед потсетуваше на Ајфеловата кула. Шилестата маска ја дизајнираше Филип Трејси, а ги покриваше само очите и усните на актерката. За да ја истакне златната боја на маската, Зендеја носеше и златни обетки со дијаманти и едноставни прстени.

На париската премиера на филмот актерката пристигна во уште една бела модна комбинација, но малку посмела од претходните. Облече чипкан фустан со голем отвор на стомакот и длабоко деколте. Со фустанот носеше впечатлива јакна со карнери и чипкани детали, а во центарот на целото издание беше дијамантски ѓердан.















