Ќерката на славниот италијански пејач Ерос Рамацоти, Аурора, се омажи за својот партнер Гофредо Черца на раскошна тридневна свадбена прослава на Сицилија.
Невестата уште на самиот почеток од прославата покажала дека музиката ѝ е во крвта, претворајќи ја опуштената вечера во концерт на отворено.
Само неколку часа откако во интимна атмосфера во општината во сицилијанското место Милитело си го кажале судбоносното „да“, Аурора Рамацоти и аналитичарот Гофредо Черца приредиле спектакуларен пречек за своите гости.
Прославата се одвивала на долга, раскошно осветлена трпеза поставена меѓу маслинови дрвја и овошки, а идиличната медитеранска вечер набрзо се претворила во разиграна сцена под ѕвездите.
Младенците одлучиле да го следат актуелниот тренд на ексклузивни викенд-свадби, приредувајќи повеќедневен маратон на забава. Снимките од почетокот на прославата ја покажуваат невестата на рамената на гостите, како со микрофон во рака и со придружба на бендот пее од сè срце.
Присутните не можеле да не ја забележат неверојатната физичка сличност, но и сценската енергија што Аурора очигледно ја наследила од својот славен татко.