Видео кое кружи на интернет прикажува нешто за кое конзерваторите велат дека досега не било документирано во Грција: кученце кое живее и, според сè, е згрижено во рамките на глутница волци во планинскиот северен дел на земјата.
Снимката е направена со дрон од страна на истражувачот Теодорис Комнинос, кој ја следи глутницата во Македонија, поширокиот регион што опфаќа голем дел од северна Грција, како дел од неговото докторско истражување.
Наместо да го гледаат малото куче како плен или како ривал, волците, според сè, го прифатиле како дел од својата група. Никос Панајотопулос, кој раководи со грижата за дивите животни во Друштвото за заштита на животната средина во Касторија, град во северна Грција, вели дека животните практично го одгледуваат како едно од своите.
„Глутницата некако го посвои ова мало кученце“, изјавил тој. „Многу е мало, па нема конкуренција, но она што нè изненадува е што тие му го пренесуваат своето однесување. А под однесување мислам дека му носат храна, му ја носат до него и го водат да пие вода.“
Според Панајотопулос, кученцето потекнува од овчарска фарма во близина на местото каде што живеат волците.
Ова не е првпат истата глутница да прифати бездомно куче. Минатиот февруари волците прифатиле црно кученце, но животното не ги преживеало ниските температури.
Панајотопулос ги отфрлил стравувањата дека ваквата заедница би можела да доведе до парење или раѓање хибриди меѓу волк и куче. Според него, строгата хиерархија во глутницата и силната конкуренција меѓу животните го прават тоа малку веројатно.
Тој очекува кучето, кога ќе порасне, да го следи својот природен инстинкт и да го напушти чопорот.
„Веруваме дека кога кученцето ќе порасне, следејќи ги биолошките инстинкти на секој вид, ќе ја напушти групата, ќе најде други кучиња и ќе им се придружи“, рекол тој. „Ова однесување е невообичаено. Досега не е забележано и се надеваме дека животното на крајот ќе си замине.“
Според истражувачкиот тим „Златен чакал канис ауреус и волк канис лупус – во Грција“, волчицата го одвела „нетрпеливото“ кученце до место со вода, додека малку подоцна, мажјакот од глутницата му понудил две коски од мртво теле, со намера да го нахрани, пренесуваат грчките медиуми.Овој специфичен настан предизвика голем интерес кај истражувачкиот тим, кој внимателно ги следи сите најнови случувања околу прашањето за посвојувањето на кученцето од страна на волчјата глутница.
Теодорос Коминос, кој докторирал по зоологија на Одделот за биологија на Универзитетот „Аристотел“ во Солун, вели дека кученцето „има околу четири месеци“ и се чини дека „се забавува одлично“ со своето ново семејство, глутницата волци. Коминос веќе три недели го следи и ја снима коегзистенцијата на глутницата волци со малото кученце.
„Бидејќи има многумина кои се загрижени за судбината на белото кученце кое веќе неколку дена се движи со оваа глутница волци, би сакале да ги информираме дека засега се чини дека се справува добро и, барем засега, не покажува желба да ги напушти своите нови придружници“, стои во објавата на истражувачкиот тим на Фејсбук.









