Пикачу го спасува туризмот? Аеродром во Јапонија доби необично ново име

Точка

07/07/2026

18:03

245

Големина на фонт

а а а

Аеродром во оддалечен регион на Јапонија, кој во 2024 година беше погоден од разорен земјотрес, денес доби нов изглед и привремен прекар инспириран од универзумот на „Pokémon“, во обид повторно да се оживее туризмот во овој дел од земјата.

Полуостровот Ното се соочува со значителен пад на бројот на туристи по силниот земјотрес со магнитуда од 7,5 степени, кој го погоди регионот на Нова година пред две години и во кој загинаа повеќе од 700 лица.

На свечената церемонија одржана во вторникот присуствуваше и маскотата Пикачу во природна големина, облечена како пилот. Таа им се придружи на официјалните претставници при свеченото пресекување на лентата по повод претставувањето на привременото име на локалниот аеродром – Noto Satoyama Pokémon With You Airport.

Во зградата на аеродромот се поставени повеќе од 100 ликови од „Pokémon“, вклучувајќи илустрации на ѕидовите, додека во главниот хол е изложен и Пикачу на балон во форма на авион.

Според фондацијата „Pokémon With You“, новото име на аеродромот ќе биде во употреба во следните три години.

Јапонскиот јавен сервис „NHK“ во февруари објави дека бројот на туристи кои ноќеваат во овој регион и натаму изнесува само нешто повеќе од 30 проценти од нивото забележано пред катастрофалниот земјотрес.