„Хеликоптер родителството“, во кое секој чекор на детето се следи, планира и контролира, полека заминува во минатото, а на негово место доаѓа сосема нов тренд – „бета мајки“. Станува збор за родители кои повеќе не сакаат воспитувањето на децата да го претворат во исцрпувачки проект на совршенство, туку избираат поопуштен пристап во кој и децата и родителите имаат повеќе простор да дишат.
Со години, социјалните мрежи, притисокот од околината и стравот од неуспех создаваа слика за идеален родител: детето мора да посетува курсеви по странски јазици, спортски активности, работилници, да има беспрекорен распоред и здрави оброци сервирани како од „Pinterest“. Многу мајки чувствуваа дека истовремено мора да бидат и совршени родители, и успешни жени, и организатори на животот на целото семејство.
Меѓутоа, сè повеќе родители сега се откажуваат од тој модел.

„Бета мајката“ не ја проверува секоја домашна задача, не ја организира секоја минута од слободното време и не се обидува детството да го претвори во натпревар. Наместо тоа, на децата им дава повеќе простор самите да ги решаваат проблемите, да грешат, да почувствуваат здодевност и да научат како да го организираат своето време.
Тоа не значи негрижа или отсуство на граници, туку помалку притисок и повеќе доверба.
Како што пишува „Guardian“, овој тренд се појавил и како реакција на годините интензивно родителство, кое многу семејства ги доведе до исцрпеност. Родителите сè повеќе верувале дека воспитувањето е вложување во идната конкурентност на детето, па детството станало проект со кој се управува речиси како со деловна стратегија.

Но, времињата се менуваат. Со развојот на вештачката интелигенција и неизвесноста околу работните места во иднина, многумина се прашуваат дали навистина е најважно детето уште од основно училиште да има совршено исполнето портфолио. Сè почесто се зборува дека отпорноста, самостојноста и емоционалната стабилност ќе бидат поважни од бескрајната низа активности и перфекционизмот.
Токму затоа „бета мајките“ избираат поинаков пристап. Домот не мора секогаш да биде совршено среден, детето не мора секој ден да биде продуктивно, а родителите повеќе не сакаат да чувствуваат вина ако не се стопроцентно посветени на секој момент.

Истражувањата во последните години сè почесто предупредуваат и на негативните последици од „хеликоптер родителството“. Постојаниот надзор и контрола можат да доведат до анксиозност кај децата, недостиг на самостојност, па дури и до бунтовно однесување подоцна во животот. Во исто време, родителите прегоруваат обидувајќи се да ги достигнат стандардите што е речиси невозможно да се одржат.
Затоа, враќањето кон поопуштено родителство на многумина им изгледа како логичен следен чекор. Идејата не е родителите да бидат помалку присутни, туку да престанат да бидат менаџери на секој аспект од животот на детето. А кога станува збор за татковците, „Guardian“ на крајот се пошегува дека „бета таткото“ всушност никогаш и не исчезнал.