Рецепт за домашен кечап без конзерванси и адитиви: Совршено густ и повкусен од купечкиот – се прави еднаш, а се јаде цела година!

Кармин

18/08/2026

15:07

199

Големина на фонт

а а а

Ако имате зрели домати и малку време, ќе добиете сос кој ќе посакате да го користите со речиси сè и одново да го подготвувате секоја година за зимница.

Ако некогаш сте пробале вистински домашен кечап, знаете дека му нема рамен. Овој рецепт за кечап нè враќа во времето кога домаќинките со посебно внимание ја подготвуваа зимницата, а доматите мирисаа на сонце и лето. Без конзерванси, без скриени состојки – само природен, богат вкус кој го збогатува секое јадење!

Домашниот кечап не е само додаток за пица, тестенини, помфрит или скара – тој е вистински мал луксуз во секојдневната кујна. Токму затоа овој рецепт за домашен кечап станува сè попопуларен, бидејќи нуди совршена рамнотежа на сладок, кисел и зачинет вкус.

Состојки:

- 3 кг. зрели домати
- 2 главици кромид
- 3 чешниња лук
- 100 гр. шеќер
- 2 лажици сол
- 100 мл. оцет
- 1 лажичка мелен црн пипер
- 1 лажичка мелена пиперка
- прстофат цимет
- 2 ловорови листа


Подготовка:

Доматите добро измијте ги, исечете ги на покрупни парчиња и ставете ги да се варат додека не омекнат и не пуштат сок. Кромидот и лукот исчистете ги, ситно исечкајте ги и додајте ги во тенџерето, па продолжете со варењето додека сите состојки не се соединат и целосно не омекнат.

Кога смесата ќе стане доволно мека, тргнете ја од шпоретот и изблендирајте ја или испасирајте ја за да добиете мазна текстура. Потоа процедете ја за да ги отстраните семките и лушпата.

Вратете го сосот на тивок оган, додајте ги шеќерот, солта, оцетот и зачините, па варете со повремено мешање додека не се згусне. Како што ќе се вари, домашниот кечап ќе добива полн вкус и карактеристичен мирис на вистинска домашна зимница.

На крајот извадете ги ловоровите листови и врелиот кечап ставете го во стерилизирани тегли. Добро затворете ги и оставете ги постепено да се изладат за кечапот што подолго да се зачува.

Откако еднаш ќе го пробате, овој домашен кечап ќе стане еден од оние рецепти на кои ќе им се враќате од година во година.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk