Цунами, херојското спасувачко куче, го освои светот и социјалните мрежи откако стана спасувач по двата разорни земјотреси што неодамна ја погодија Венецуела и предизвикаа огромни материјални и човечки загуби.
Неколку илјади луѓе останаа затрупани под урнатините откако два исклучително силни земјотреси ја погодија Венецуела. Според проценката што ја објави „CNN“, речиси 30.000 екипи за итни интервенции и повеќе од 3.300 меѓународни спасувачи беа во трка со времето за да ги пронајдат преживеаните по смртоносните земјотреси што ја погодија Венецуела.

Сепак, неочекуваниот херој на оваа спасувачка мисија не беше дури ни човек. Душкајќи и пробивајќи се низ урнатините од разорните земјотреси во Венецуела, Цунами, осумгодишен мешанец од расата бордер коли, беше на уште една задача пред пензионирањето.
На својата последна мисија, Цунами успеа од шутот на урнатите згради да извлече дури 25 преживеани лица од под урнатините на речиси 200 срушени објекти. Покрај нив, Цунами помогна и во спасувањето на уште 300 луѓе, пренесува „El Tiempo“.
Живот на улица
Цунами стана популарен благодарение на виралните снимки на социјалните мрежи, на кои пребарува оштетени згради, ползи под искршени бетонски плочи и се вовлекува во тесни простори недостапни за луѓето. Луѓето го засакаа и поради хетерохромијата, необична состојба поради која неговото едно око е сино, а другото кафеаво.

Иако денес е популарен, пред само осум години едвај го преживеал животот на улица.
Цунами е напуштено улично куче кое од злоставување го спасиле здруженија за заштита на животните. По извесно време, Хорхе Бинс, основачот на Центарот за формирање на кучешки тимови за интервенција при катастрофи, кај младиот бордер коли ги препознал вродените инстинкти за трагање карактеристични за оваа раса и со години ги развивал во сертифицирана специјалност – пронаоѓање човечки живот во урнати објекти.

Во 2022 година, Цунами и Бинс работеа на смртоносните свлечишта во Венецуела, а следната година двајцата беа распоредени во меѓународните бригади кои ги пребаруваа урнатините по земјотресите во Турција и Сирија.
Така, од заборавено улично кученце, Цунами прерасна во повеќекратен спасувач на човечки животи.














