Инфлуенсерката Јулија четири пати паднала на возачки испит: Се сомнева дека за сè е виновна нејзината убавина

Точка

03/07/2026

21:01

418

Големина на фонт

а а а

Во текот на петте обиди, како што тврди, постојано се соочувала со слични коментари, поради кои подоцна почнала да го преиспитува целото искуство.

Инфлуенсерката Јулија Медеирос (24), која на интернет често ја нарекуваат „двојничка на Кајли Џенер“, го сподели своето искуство со полагањето на возачкиот испит, процес кој траел многу подолго отколку што очекувала. Во текот на петте обиди, како што вели, постојано добивала слични коментари, поради што подоцна почнала да се сомнева во целиот процес, пренесува „Daily Mail“.

Според неа, инструкторите за време на секое полагање го коментирале нејзиниот изглед, но без да бидат непристојни или навредливи. Често ѝ велеле дека „изгледа премногу гламурозно за да биде тука“ или дека „личи на актерка и манекенка“. Јулија додава дека понекогаш ја прашувале дали се занимава со социјални мрежи или моделинг, уште пред да започне тестот.


Во почетокот, како што раскажува, им се смеела на тие коментари и не им придавала големо значење. Но, по повеќе неуспешни обиди за полагање, почнала да ги поврзува тие ситуации и да го преиспитува целиот процес.

Јулија објаснува дека по секој неуспешен обид, инструкторите ѝ велеле дека причината за падот е нервозата и ситните технички грешки при возењето. И самата признава дека на почетокот верувала дека токму тоа е причината.


„Првиот пат мислев дека станува збор само за анксиозност. Бев нервозна, правев грешки и паднав. Ми изгледаше сосема нормално“, изјавила таа.

Но, како што неуспесите се повторувале, почнала да се прашува дали постои уште некој фактор што би можел да влијае врз начинот на кој била оценувана.


„По третиот или четвртиот пат почнав да забележувам дека секогаш има некаков коментар за мојот изглед, лицето или облеката“, раскажала таа.

Додава дека тогаш почнала да размислува дали нејзиниот физички изглед влијае на тоа како ја доживуваат за време на тестирањето.


„Не можам да го докажам тоа, но имав чувство дека луѓето повеќе обрнуваат внимание на мене отколку на моето возење“, рекла Јулија.

Таа наведува дека коментарите за нејзиниот изглед за време на обуката и испитите дополнително ја зголемиле нејзината несигурност. Процесот на добивање возачка дозвола траел околу една година, додека живеела во Бразил, а сите испити ги полагала во истата автошкола. Возачката дозвола на крајот ја добила од петтиот обид.


„Не можам да кажам дека коментарите влијаеле на исходот, бидејќи немам доказ. Но, кога еднаш ќе паднеш, се обвинуваш себеси. Кога тоа ќе се повтори повеќепати, почнуваш да преиспитуваш сè, па и она што луѓето ти го кажувале“, заклучила убавицата, која денес живее во Мајами.