[ФОТО] Можете да го носите каде било: Овој автомобил има вграден генератор на струја

Точка

02/07/2026

16:31

335

Големина на фонт

а а а

„FORD“ одлучи во новиот Ranger Plug-In Hybrid да го вгради системот „Pro Power Onboard“, со цел секогаш да имате дополнителен генератор на електрична енергија доколку ви затреба.

Како што наведуваат од американската компанија, „Pro Power Onboard“ овозможува електричните алати, осветлувањето и другата опрема да се напојуваат директно од возилото, без потреба од дополнителен извор на енергија. Во идеални услови, тоа значи помалку опрема за транспорт, повеќе простор за алат и материјали, како и поедноставна организација на работата на терен.


За да ги провери реалните предности на овој систем, „FORD“ во својот развоен центар во Дантон спровел споредбено тестирање помеѓу моделот Ranger Plug-In Hybrid со системот „Pro Power Onboard“ со моќност од 6,9 kW и стандарден пренослив бензински генератор од 4 kW, симулирајќи различни работни услови – од полнење батерии за електричен алат до напојување на греалки и други уреди со поголема потрошувачка.


Резултатите покажале значителни разлики во емисиите на штетни гасови. Во споредба со генераторот, Ranger Plug-In Hybrid остварил повеќекратно пониски емисии на азотни оксиди, јаглерод моноксид и јаглеводороди – соединенија кои можат негативно да влијаат врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето кои работат во нивна непосредна близина.


Покрај тоа, тестирањата покажале дека користењето на системот „Pro Power Onboard“ е и поекономично. Благодарение на интелигентното управување со работата на бензинскиот мотор и батеријата, возилото троши помалку гориво од класичен генератор при иста излезна моќност. Кога моторот ќе ја достигне работната температура, потрошувачката на гориво може да биде приближно двојно помала, додека во одредени услови трошокот за работа се намалува на околу една третина од трошокот за користење генератор.


Како што наведуваат од „FORD“, со елиминирањето на потребата од посебен генератор, корисниците добиваат повеќе простор во товарниот дел на возилото, поголема носивост и помал број уреди кои треба да се транспортираат, одржуваат или заштитуваат од кражба.