[ФОТО] Претставен новиот „BMW X5“: Најголемите промени од 1999 година!

Точка

30/06/2026

21:25

525

Големина на фонт

а а а

„BMW“ официјално ја претстави целосно новата, петта генерација на моделот „X5“, која ги носи најголемите промени од дебито на овој SUV модел во 1999 година.

Покрај целосно новиот дизајн, изработен според филозофијата „Neue Klasse“, новата генерација за првпат добива и целосно електрична верзија под ознаката „iX5“.

Надворешниот изглед е значително помодерен во споредба со претходникот. Препознатливата „бубрежеста“ маска на ладилникот сега е многу подискретна, светлосниот потпис е целосно редизајниран, а меѓуоскиното растојание е продолжено за околу шест сантиметри, што треба да обезбеди повеќе простор за патниците на задната клупа. Иако порасна во должина, „X5“ ги задржа препознатливите пропорции поради кои со години е еден од најпродаваните SUV модели на „BMW“, пишува Caranddriver.com.


И внатрешноста претрпе целосна трансформација. Новиот „BMW Panoramic iDrive“ се протега по целата ширина на долниот дел од ветробранското стакло, централно место зазема екран со дијагонала од 17,9 инчи, додека купувачите ќе можат дополнително да нарачаат и 14,6-инчен екран за совозачот. Достапни се и нов AI гласовен асистент, унапреден мултимедијален систем и значително поминималистички изглед на кабината.

Најголемата новина, сепак, е пристигнувањето на електричниот „BMW iX5 60 xDrive“. Го придвижуваат два електромотори со вкупна моќност од 570 КС, додека енергијата ја обезбедува батерија со капацитет од 144 kWh. Од „BMW“ наведуваат автономија до 700 километри според нивните интерни мерења (околу 435 милји), додека новата 800-волтна архитектура овозможува полнење со моќност до 460 kW. Во идеални услови, батеријата се полни од 10 до 80 проценти за само 22 минути.


Понудата на погонски склопови нема да биде ограничена само на електричната верзија. На купувачите ќе им бидат достапни и бензински шестцилиндарски мотор со благ хибриден систем, plug-in хибридниот „X5 50e xDrive“, додека на одредени пазари ќе се нудат и дизел изведби. Од „BMW“ потврдија и дека е во подготовка верзија со погон на водород, која ќе пристигне нешто подоцна.

Продажбата на новата генерација на „X5“ започнува во текот на есента 2026 година, додека електричниот „iX5“ на одредени пазари ќе биде достапен на почетокот на 2027 година.