[ВИДЕО] Внукот на Владо Јаневски откри дел од приватниот свет на пејачот: „Сѐ се случи многу брзо, мислевме дека е обична болка, но...“

Точка

02/07/2026

14:16

3.485

Големина на фонт

а а а

Македонската јавност сè уште не може да се помири со загубата на едно од најголемите музички имиња кај нас – Владо Јаневски, кој на 28 јуни 2026 година почина на 65-годишна возраст, по кратко боледување.

Веста за неговата смрт предизвика огромна тага кај колегите, пријателите и бројните обожаватели, кои со неверување ја примија информацијата дека замина човекот чии песни со децении беа симбол на љубовта, емоциите и романтиката на македонската музичка сцена. Иако неговото семејство било запознаено со здравствената состојба, загубата сепак била тежок удар и за најблиските.

Еден ден пред последното испраќање, платото пред Арената „Борис Трајковски“ се претвори во место исполнето со емоции, солзи и спомени. Голем број граѓани се собраа да му оддадат почит на својот омилен пејач, додека во позадина одекнуваа неговите најголеми хитови, создавајќи атмосфера која никого не остави рамнодушен.


Меѓу присутните беше и неговиот внук, Дејан Стојановиќ, кој во разговор за подкастот „Претрес“ на Кристијан Ландов отвори дел од приватниот свет на легендарниот музичар.

Во емотивната изјава, Стојановиќ зборуваше за тоа каков човек бил Владо надвор од сцената, откривајќи досега непознати детали од неговиот приватен живот, семејните моменти и карактерот на човекот кого многумина со години го нарекуваа „чаирскиот романтичар“.

„Сè се случи многу брзо, и нас како фамилија, не нè фати на препад, но беше многу брзо. Мислевме дека е обична болка, но испадна дека е тоа што е.

Владо како приватен човек, имаше школка од надворешниот свет. Ние го знаевме како многу дарежлив, фамилијарен човек, но беше дистанциран во неговиот свет.

Никогаш не го доживував како пејач, кога ќе ми кажеа вујко ти што песна напишал, за мене бил вујко и сум го гледал поинаку.

Но има ете една песна што ме допира, од неговите први албуми – „Зборови“ мислам дека се вика. Таму се спомнуваат многу километри, што тој можеби ги имал со некоја сакана личност од Скопје, заради тоа што ми раскажувал, затоа ми се допаѓала.

Тој си уживаше секој ден на свој начин, може така да кажеме. Се дистанцираше од сите и живееше како сакаше, без стрес од фамилија, жени, деца, гледаше ништо да не може да го допре и затоа се дистанцираше за да има долготраен живот без стрес, но ете се случи што се случи.


Го изгубивме и нас ни се јавија од болница, не можам да споделам повеќе заради приватност, се случи брзо, очекувавме, но можеби и се надевавме потајно, човечки е да се надеваш дека тоа ќе помине добро.

Колку и да беше егоцентричен и ајде на скопски, „пун со себе“, секогаш имаше време за фамилијата, нè почитуваше, нè сакаше, иако во последно време немавме толку контакт, ковидот сите нè раздели.

Неколку години му бев и менаџер, одевме заедно на концерти, но семејството му беше една страна.

Еве ќе споделам искрено, последниот ден јас добив повици од 50 различни девојки за Владо, што на индиректен начин некако бил поврзан со нив, па ми ги враќаа филмовите, од каде ме знаат од порано.

Владо си живееше на свој начин убаво. Среќен го правеше добра музика, секогаш сме сакале да слушаме „Dire Straits“, сакаше добро јадење и добро изработен тренинг. Секогаш изгледаше прекрасно за годините.

Неговиот ден се сведуваше на пишување текст, здрава исхрана, протеинска, дали ќе отиде во хотел или на друго место каде што ќе јаде здраво, да извежба убаво, тоа го правеше среќен.

Најголемата негова радост беше кога ќе одевме по концерти, да види деца. И секогаш викаше, штом има деца од 15-20 години, тие ќе ме слушаат до крај на живот. И тоа го радуваше најмногу.

Секогаш за познати личности има хејтерска страна, најчесто тоа е од мажи. Жените никогаш не кажале ништо лошо. Кога сум бил со девојки и ќе дознаеле дека Владо ми е вујко, сите паѓале на колена.


Не познавам жена што кажала лош збор за него, а мажите можеби се љубоморни што го сакале сите жени. Не знаеле да се изразат како него, бидејќи за нас мажите можеби тоа делува папучарски, но жените си го сакаа.

Беше среќен човек и мило ми е што го изживеа животот, го прошета светот 3-4 пати, успеа и на хрватскиот пазар на некој начин и тоа го исполнуваше.

Од спомени со него, ќе споделам, како мал ме учеше гитара да свирам, пред да биде во „Ластовица“. Кога почнавме, свиревме на клавир, а „Наташа од трето три“ ми е прва песна што ме научи да ја свирам.

Кога наполнив 20 години и почнаа проблеми со девојки, јас на телефон во Чаир ќе се објаснувам нешто со нив, а тој ми викаше - Чувај нерви за жена ти и детето не за девојки. Не се троши за девојки.

Така што сега сум среќно оженет, имам дете и си ги чувам нервите и животот за нив. И се немам потрошено во животот, што е најголем совет за мене од него.

Порака до јавноста од мене, да не заборават да се сетат на Владо Јаневски“.

Изјавата на внукот на Владо Јаневски проследете ја по 50-тата минута: