Вознемирувачка снимка на која е прикажано брутално врсничко насилство врз малолетно девојче, а за која се тврди дека е направена во скопската населба Аеродром, предизвика силни реакции во јавноста и отвори нов бран загриженост околу сè почестото насилство меѓу младите.
Видеото, кое во текот на вчерашниот ден масоцно се споделуваше на социјалните мрежи, прикажува малолетно девојче опкружено од група врсници, додека видно вознемирена и беспомошна моли малтретирањето да престане. Наместо помош, таа е изложена на серија навреди, понижувања, влечење за коса и физички напади, додека присутните го снимаат целиот настан.
Особено шок предизвика моментот кога на снимката јасно се слуша глас од насобраните: „Ќутете да слушнеме како ќе пука!“, по што следува силен удар со шлаканица – сцена што предизвика револт кај граѓаните и бројни повици за итна реакција од надлежните институции.
Меѓу јавните личности кои реагираа е и македонската водителка Лила Филиповска, која преку емотивна и директна порака остро го осуди насилството и испрати апел до целото општество да не молчи пред ваквите случаи.
Пораката на Лила ви ја пренесуваме во целост:
„Видеа со насилство и изживување не можам да гледам, просто немам желудник за тоа. Ама еве прочитав што се случило во Аеродром и по којзнае кој пат сум во шок и неверување!!! Зошто, како, до кога ?!

Се прашувам и сакам да знам кои се тие млади луѓе насилници, од какви семејства доаѓаат, знаат ли родителите кого чуваат дома, какви психички проблеми имаат (оти никој нормален не би малтретирал некого)? Кој треба да ти е поривот да се собереш во група и да малтретираш некој кој што е сам, а притоа е девојче!
А посебен круг во пеколот за оние што снимаат! Снимаат малтретирање. Па вие не сте деца, вие сте монструми!

Засрамете се, која иднина ќе ја градиме со насилници како вас?! Мене моите ме учеа дека најважното во животот е да бидеме љубезни, да помагаме да донираме, ама вие изгледа до таа лекција не сте стигнале!
Од кога стана „кул“ млади луѓе, особено девојки да бидат насилнички, од кога?!
Млади, убави, дотерани наместо да бидете дами со манири вие изигравате арамбаши. А машките… срам да ви е!

Нели треба да ги заштитувате послабите од вас… вие не сте мажи, вие сте женски петлиња.
Искрено немам зборови. Се надевам дека ќе бидете соодветно процесуирани од институциите зошто вакви случки не смеат да се повторат.
Жалам за девојчето кое ќе мора да ја носи оваа траума, а на нејзините родители посакувам да имаат сила и трпение да го надминат ова.
Добрината и љубезноста никогаш не излегуваат од мода!“.









