Канада официјално е новата учесничка на Евровизија: Ќе се натпреварува веќе следната година

Точка

01/07/2026

18:58

331

Големина на фонт

а а а

Канада следната година првпат ќе настапи на Евровизија, која ќе се одржи во Бугарија, потврдија во средата Европската радиодифузна унија (EBU) и канадскиот јавен сервис CBC/Radio-Canada.

Објавата пристигна на Денот на Канада, само една недела откако CBC/Radio-Canada стана полноправна членка на EBU, со што стекна право на учество на едно од најгледаните музички натпревари во светот.

Претседателката и главна директорка на CBC/Radio-Canada, Мари-Филип Бушар, порача дека станува збор за голема можност за претставување на канадската култура пред меѓународната публика.


„На Денот на Канада, додека го славиме богатството и разновидноста на нашата култура, со големо задоволство потврдуваме дека најголемиот светски музички телевизиски настан го носиме и пред канадската публика“, изјави Бушар, пренесува „DW“.

Првата нова воневропска земја по Австралија

Канада така ќе стане првата нова воневропска земја што ќе ѝ се приклучи на Евровизија по Австралија, која дебитираше во 2015 година.

Иако натпреварот првенствено е европски, на него веќе со децении учествуваат и земји надвор од Европа. Израел настапува уште од 1973 година, додека Мароко учествуваше само еднаш, во 1980 година.

Популарноста на Евровизија во последните години значително порасна и во Канада. На овогодишното натпреварување, канадските гледачи беа меѓу најактивните во категоријата гласање „Остатокот од светот“, а голем број Канаѓани отпатуваа во Виена за во живо да ги следат полуфиналните вечери и финалето.


Како Канада ќе го избере својот претставник?

Деталите за изборот на канадскиот претставник ќе бидат објавени дополнително.

Сепак, Канада нема да биде целосно непознато име на сцената на Евровизија. Најпознатата канадска пејачка, Селин Дион, победи на натпреварот во 1988 година претставувајќи ја Швајцарија со песната „Ne partez pas sans moi“, со што ја започна својата светска кариера.

На Евровизија подоцна настапија и канадските пејачки Наташа Сен-Пјер, која ја претставуваше Франција во 2001 година, како и Ла Зара, француската претставничка во 2023 година.

Директорот на Евровизија при EBU, Мартин Грин, порача дека Канада веќе има посебна поврзаност со ова натпреварување.

„Канадските уметници со години оставаат силен впечаток на нашата сцена. Со нетрпение очекуваме Канада сега, како полноправна членка на EBU, да ги донесе својот глас, креативност и енергија на Евровизија 2027 во Бугарија“, изјави Грин.


Одлуката има и политичка заднина

Идејата за вклучување на Канада во Евровизија се појави уште во 2022 година, кога EBU планираше да започне посебен натпревар „Eurovision Canada“, но од проектот на крајот се откажа.

Идејата повторно ја актуализираше канадскиот премиер Марк Карни, кој од доаѓањето на власт настојува дополнително да ги зајакне политичките и економските врски со Европа.

Канадскиот министер за финансии Франсоа-Филип Шампањ претходно изјави дека учеството на Евровизија ќе биде „платформа на која Канада може да заблеска“, особено во период на засилени дипломатски тензии со Соединетите Американски Држави.

„Станува збор и за заштита на нашиот идентитет. Сакаме да го зачуваме нашиот суверенитет, но и да им дадеме поддршка на уметниците, бидејќи Канада има многу што да му понуди на светот“, порача Шампањ.