[ФОТО/ВИДЕО] Нема да поверувате: Дабари во Лондон спречија поплавување на железничката станица и станаа херои

Точка

01/07/2026

22:23

432

Големина на фонт

а а а

Колонија дабри, која пред три години беше вратена во своето природно живеалиште во западен Лондон, помогнала да се спречат поплави во близина на железничката станица „Гринфорд“.

Благодарение на браните што ги изградиле, животните го забавиле протокот на водата и го намалиле оптоварувањето на одводниот систем, соопштија учесниците во проектот за нивна реинтродукција.

Според нив, откако дабрите се населиле во областа, железничката станица повеќе не се поплавува по обилни врнежи, објави Би-би-си.

Во рамки на проектот е соопштено и дека колонијата успешно се развива, а годинава се родиле најмалку две младенчиња.

Ветеринарот и експерт за заштита на природата Шон Мекормак објасни дека порано водата од реката за само неколку минути стигнувала до „Гринфорд“, додека денес минува низ низа брани изградени од дабрите и низ комплексен систем од мочуришта.

„Тие го забавуваат протокот на водата за време на обилни дождови. Во исто време, овозможуваат водата да се впие во почвата, која сега е многу повлажна, а мочуриштата што ги создаваат ја задржуваат водата значително подолго“, изјави Мекормак.


Тој додаде дека сега се потребни неколку часа водата да помине низ секоја брана и дека системот веќе ги покажал своите придобивки.

„Уште во втората зима по нивното враќање немаше поплави низводно, а ниту во третата зима, која штотуку заврши, не беше забележано излевање на водата во подрачјето што претходно беше особено загрозено“, рече Мекормак.

Младенчињата, кои се родиле минатата недела, навечер излегуваат од своето живеалиште, па жителите на населбата Парадајс Филдс редовно се собираат за да ги фотографираат и снимаат.

„Иако сум научник, оваа глетка ме трогна. Исклучително се слатки. Првото младенче се појави минатата недела, а мајката нежно го туркаше и го потопуваше во водата, бидејќи новородените дабри се многу лесни и лесно пловат. Беше фасцинантно да се набљудува таа интеракција“, изјави тој.


Екологот Наѓа Мирочниченко истакна дека биолошката разновидност околу потокот значително се зголемила.

„Забележавме нагло зголемување на бројот на безрбетници, пристигнување на повеќе видови птици, како и најмалку два нови вида лилјаци. Задоволство е да се гледа како запуштеното подрачје постепено се обновува и станува многу побогато со растителни и животински видови“, рече Мирочниченко.

Дабрите се познати како природни градители. Со изградба на брани и создавање мочуришта тие го забавуваат протокот на водата за време на силни дождови, задржуваат поголеми количества вода и го намалуваат ризикот од поплави во подрачјата низводно.

Овие животни биле истребени во Велика Британија пред неколку векови поради нивното крзно, месо и мирисни жлезди. Во западниот дел на Лондон, во општината Илинг, повторно беа населени во 2023 година, по што почнаа постепено да го менуваат и обновуваат локалниот екосистем.