Вака Јапонците штедат гориво: И вие можете да ги примените нивните трикови!

Точка

01/07/2026

13:11

1.008

Големина на фонт

а а а

Возачите во Јапонија уште од самиот почеток се учат на трикови за намалување на потрошувачката на гориво – рационалноста е нивната водечка идеја. Во продолжение ви ги пренесуваме навиките што и вие можете лесно да ги усвоите.

Една од најчестите грешки е наглото забрзување. Поради тоа, смесата од воздух и гориво не согорува ефикасно, што доведува до поголема потрошувачка и создавање наслаги, кои може да го оштетат катализаторот. Ефикасното возење подразбира постепено и рамномерно забрзување.

Најдобро е да замислите дека во автомобилот превезувате врела течност и дека секое нагло движење би ја истурило. Истиот принцип применете го и при притискањето на педалата за гас за да ја намалите потрошувачката и да ја подобрите работата на автомобилот, пренесува „Jutarnji list“.

Предвидување на сообраќајот

Градскиот сообраќај е еден од најголемите непријатели на економичното возење. Многу возачи забрзуваат до последниот момент пред црвено светло на семафор, а потоа нагло сопираат.

Правилниот начин е предвидување на ситуацијата во сообраќајот, што значи навреме да ја тргнете ногата од педалата за гас и да му дозволите на автомобилот сам да се движи по инерција. Ако оваа техника се применува редовно, може да донесе значителна заштеда при секојдневното возење.


Невидливиот фактор што ја зголемува потрошувачката

Состојбата на возилото влијае на потрошувачката повеќе отколку што мислите. Гумите се единствената точка на контакт со асфалтот, а малку повисокиот притисок од препорачаниот го намалува отпорот при тркалање.

Резултатот е дека моторот вложува помалку напор за придвижување на автомобилот, што значи и помала потрошувачка на гориво. Сепак, притисокот во гумите секогаш треба да се проверува кога тие се ладни, за мерењето да биде точно.

Покрај тоа, и други елементи, како филтерот за воздух, директно влијаат на потрошувачката. Затнат филтер го ограничува дотокот на воздух, па моторот мора да ја надомести таа разлика со поголема количина гориво.

Работа во празно и непотребен товар

Оставањето на автомобилот да работи во празен од е лоша навика. Моторот може да потроши и до еден литар гориво на час, без никаква корист. При подолги застои и чекања, исклучувањето на моторот е многу поефикасно решение.

Преголемиот товар во автомобилот исто така ја намалува ефикасноста. Секои 50 килограми дополнителна тежина можат да ја зголемат потрошувачката за околу 2 проценти. Отстранувањето на непотребниот товар од багажникот е еден од наједноставните начини за подобрување на перформансите. Алат, заборавени предмети или кој било дополнителен товар го принудуваат моторот да работи повеќе при секое забрзување.


Аеродинамика и планирање на возењето

Над одредена брзина мора да се земе предвид и отпорот на воздухот. Возењето со отворени прозорци или носење предмети, како кровни носачи, создава турбуленции што ја зголемуваат потрошувачката.

На отворен пат е поефикасно да се вози со затворени прозорци и умерено да се користи клима-уредот. Исто така, поставувањето на климата на разумна температура спречува прекумерно оптоварување на компресорот.

Искористувањето на инерцијата на автомобилот е уште една важна техника. Пред нагорнина, благо зголемување на брзината на рамниот дел од патот овозможува полесно совладување на искачувањето со помал напор на моторот. Кога ќе стигнете до врвот, најдобро е да ја отпуштите педалата за гас и да му дозволите на автомобилот да се спушта користејќи ја сопствената тежина.

Мали детали што прават голема разлика на бензинската пумпа

Дури и самиот момент на точење гориво може да има мало влијание врз потрошувачката. Точењето гориво рано наутро, кога тоа е постудено и погусто, овозможува да добиете поголема реална количина енергија по литар.

Исто така, се препорачува да избегнувате точење веднаш откако цистерната ги наполнила резервоарите на бензинската пумпа, бидејќи тогаш од дното може да се подигнат нечистотии што потенцијално би можеле да завршат во системот за гориво.