[ФОТО/ВИДЕО] Со солзи и ѕвездено небо фановите и колегите му оддадоа почит на вечниот романтичар: „Владо сакаше да најде љубов, па детенце...“

Точка

01/07/2026

10:27

1.998

Големина на фонт

а а а

Со солзи во очите и запалени свеќи во рацете, бројни обожаватели на Владо Јаневски синоќа емотивно ја пееја „Некогаш и негде“ – еден од најголемите хитови на музичарот кој важеше за вечен романтичар на македонската сцена.

Пред арената „Борис Трајковски“ се собраа фанови од сите генерации, пријатели и колеги, обединети во тагата по загубата на човекот чии песни оставија неизбришлива трага кај публиката.

Јаневски, кој почина на 28 јуни на 65-годишна возраст по кусо боледување, зад себе остави богато музичко наследство и безвременски хитови посветени на неговиот Чаир, на Скопје и на Македонија.


Во трогателната атмосфера исполнета со емоции, присутните споделуваа лични спомени за уметникот кој со децении беше дел од најважните моменти во животите на многумина, а неговите песни уште долго ќе продолжат да живеат меѓу генерациите.

✨„Зад Владо, којшто, иако изгледаше навидум ладен, дистанциран, можеби осамен и далечен, се криеше исклучително емотивна душа. Послушајте му ги песните“, изјави Силвана Мучиќ-Плевнеш од „Силви бенд“, за „Слободен печат“


Потоа таа споделила и емотивна приказна поврзана за Јаневски:

✨„Се сеќавам на еден момент кога нашата Деа се роди и имаше околу шест или седум месеци, и на гости ни дојдоа Игор Џамбазов и Владо. Владо седеше така и Игор Џамбазов тогаш беше со Искра и така, седејќи заедно, Владо нè гледа и вели: ‘Види, Игор си ја најде Искра, Влатко си ја најде Сики, јас кога ќе си најдам една убава девојка, па види детеце што е убаво, само јас останав вака сам’. Толку беше сладок и нежен, отворен и искрен во тој момент, што онака јас знаев дека Владо е многу емотивна душа. Потоа најде една девојка и сите следни средби ни беа така, три пара и многу се дружевме. Го сакав многу, ќе го сакам и мислам дека навистина имаме што да паметиме. Паметам дека дојде на свадбата со Влатко и ми донесе 101 ружа“.


Пред насобраните фанови за Владо Јаневски емотивно се обрати и неговиот долгогодишен пријател Влатко Плевнеш, човекот кој со години беше покрај него и го следеше на речиси сите негови настапи.

✨„Не ја прифаќам таа информација дека го нема, зашто во оваа сала требаше пак да свириме заедно. Тој не сакаше патетики, да го испратиме со неговите песни кои ќе останат засекогаш“, изјавил Плевнеш.


Обожаватели од сите генерации останаа до крајот на настанот, кој беше инициран од фановите, а поддржан од продукцијата „Прагма“, оддавајќи му почит на Владо Јаневски преку неговите безвременски песни.

Во емотивната атмосфера се евоцираа спомени за неговото творештво и наследството што го остави зад себе, а како што истакна Стево Чепишевски, кој со Владо Јаневски ја делеше сцената како придружен вокал., Владо не беше само врвен музичар, туку и поет чии стихови засекогаш ќе останат дел од македонската култура.