Во еден ресторан во Грац, цената на обичната вода од чешма предизвика бројни реакции кај гостите. За половина литар вода се наплаќа 1,70 евра, што еден гостин го нарече „нов рекорд“.
Дебатата за тоа дали угостителските објекти треба да наплаќаат за вода од чешма повторно се актуелизира по примерот од азиски ресторан во центарот на Грац.
1,70 евра за вода од чешма

Според австриските медиуми, во менито на ресторанот е наведена цена од 1,70 евра за половина литар „вода од чешма“. Не е можно да се нарача количина помала од четвртина литар. Дополнително изненадување за гостите е цената на порција лимон, која е 0,80 евра.
Така, гостин кој сака вода со малку сок од лимон би платил вкупно 2,50 евра.
Од ресторанот објасниле дека не станува збор за обична вода од чешма, туку за вода која дополнително се филтрира пред сервирање. Додале дека цената ги вклучува трошоците за персоналот, миењето чаши и сервирањето.
За порцијата лимон, тие наведоа дека гостинот добива свежо исцеден сок и три дополнителни парчиња лимон, пишува „Fenix“.

Цената на водата предизвика мешани реакции на социјалните мрежи. Додека некои сметаат дека 1,70 евра е превисока цена, други се на страната на угостителите и истакнуваат дека рестораните имаат бројни трошоци, вклучувајќи ги и платите на вработените.





