„Светол пат, Владе мој“: Колегите и пријателите со емотивни пораки се простуваат од Владо Јаневски

Точка

28/06/2026

23:32

1.594

Големина на фонт

а а а

Македонската јавност е во шок и тага по веста за смртта на Владо Јаневски, еден од најзначајните кантавтори на домашната музичка сцена.

Македонската јавност вечерва се простува од еден од најголемите домашни музички уметници. Владо Јаневски почина по кратко боледување на една од скопските клиники, а веста предизвика огромна тага кај неговите колеги, пријатели и бројните обожаватели. Информацијата ја објавија повеќе македонски медиуми.

Меѓу првите кои се простија од Јаневски беа Бобан Милошески и продукцијата „Авалон“, кои со емотивна порака напишаа:

„Владо, ако нема некогаш и негде, ништо не си изгубил. Остануваме овде, ние, секој ден да глумиме лудило, дека е сѐ како што треба, а ништо не е и нема да биде без сите вас, кои вака тивко, а пребрзо си одите! Значи, Владо, некогаш и негде! Биди раат.“

Со трогателни зборови се прости и Ана Костадиновска, која напиша:

„Делевме проба повеќе од 20 години. Фраериште! Светол пат, Владе мој.“

Последен поздрав упати и менаџерот Владимир Мандичевски.

Емотивна објава сподели и Слаткаристика, кој истакна дека македонската музика изгуби едно од своите најголеми имиња:

„Замина Владо Јаневски, еден од најголемите македонски поети на 21 век. Неговите стихови и песни ќе живеат засекогаш. Вечна му слава.“

Од „Прагма продукција“ порачаа:

„Почивај во мир, драг наш Владо…“

Од својот колега се прости и Тамара Тодевска, која на социјалните мрежи напиша:

„Почивај во мир, драг Владо.“

Со своето богато музичко творештво, Владо Јаневски остави неизбришлива трага на македонската музичка сцена. Неговите безвременски хитови, меѓу кои „Некогаш и негде“, „Евергрин“, „Ако не те сакам“, „Дома си е дома“, „Не зори зоро“ и многу други, ќе продолжат да живеат низ генерациите.


Роден на 27 ноември 1960 година во Скопје, Јаневски дипломирал на Филолошкиот факултет, на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Во текот на кариерата беше член на групите „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“, а покрај пеењето свиреше клавир, гитара и тапани. Во 1998 година стана првиот официјален претставник на Македонија на Евровизија 1998, каде во Бирмингем настапи со песната „Не зори зоро“.