Британскиот пејач Хари Стајлс предизвикал загриженост кај обожавателите по непријатниот инцидент што се случил за време на неговиот концерт на стадионот „Вембли“ во Лондон.
За време на настапот во петокот навечер, пејачот се загрцнал со вода, поради што накратко паднал на сцената, обидувајќи се да дојде до здив.

Инцидентот се случил додека 32-годишниот Стајлс го изведувал својот препознатлив потег, познат меѓу обожавателите како „Whale“, при кој по голтка вода ја распрскува водата кон публиката. Меѓутоа, овојпат случајно се загрцнал.

На видеоснимката што се прошири на социјалните мрежи се гледа како пејачот зема шише вода од сцената, отпива голтка, а потоа веднаш ја плука водата и паѓа на грб.
Неколку секунди останал да лежи на сцената, обидувајќи се да дојде до здив. Во еден момент се обидел да ја олабави вратоврската, а потоа неколкупати се удрил по градите.
Потоа станал ѝ мавнал на публиката и истрчал зад сцената, што предизвикало загриженост кај илјадниците присутни обожаватели.

Снимката од инцидентот брзо се прошири на социјалните мрежи, а бројни обожаватели изразија загриженост за неговата здравствена состојба.
„Морам да признаам дека за време на преносот во живо на неколку секунди навистина се исплашив“, напиша еден корисник на Инстаграм.
„Навистина изгледаше како сериозно да се мачи“, коментираше друг обожавател на Икс, додека некои ги критикуваа членовите на неговиот тим бидејќи, како што сметаат, не реагирале доволно брзо кога станало очигледно дека има тешкотии со дишењето.

Претставниците на Стајлс засега не се огласиле по повод инцидентот.
Поради густиот распоред на настапи, тој нема да присуствува на венчавката на својата поранешна девојка Тејлор Свифт и Тревис Келси, која би требало да се одржи следниот викенд, ниту по тој повод ќе ѝ се придружи на својата свршеница Зои Кравиц.












