Меѓу многубројните видови зелен чај што се одгледуваат во Кина, малку кој е ценет како лонгџинг, познат и под називот змејски бунар. Секоја година со доаѓањето на пролетта, ридовите што го опкружуваат Западното Езеро во Хангџоу (град во кинеската покраина Џеџианг) стануваат епицентар на еден од најочекуваните моменти во кинеската култура на чајот.
Додека природата почнува да се буди, се појавуваат првите нежни никулци. Нивниот вкус се смета за најчист и најнежен, а го карактеризира суптилна арома која често се опишува како благо јаткаста, со ноти на костен и свежи пролетни билки. Лонгџинг е познат меѓу љубителите на чај со векови. Неговата популарност дополнително ја зацврсти легендата од 18 век според која кинескиот цар Ќенлонг, за време на посетата на Хангџоу, бил толку воодушевен од вкусот на овој чај што одредени грмушки ги прогласил за свои и ги резервирал за дворот. Денес лонгџинг се пие во целиот свет, поради што е и сè потешко да се купи. А дури и да го купите надвор од Кина, голема е веројатноста дека ќе наидете на имитација.

Во берба на чај
Во традиционалниот кинески календар квалитетот на лонгџинг се одредува и според моментот на бербата. Особено се ценети сериите познати како мингќиан, обрани пред почетокот на април. Поради краткиот период на берба и ограничените количини, токму тие ливчиња постигнуваат највисоки цени. Но, на одгледувачите не им е лесна работата. Доволно е неколку потопли денови или пообилен дожд за да се промени ритамот на раст на растението. Како што пролетта одминува, лисјата растат побрзо и развиваат поинтензивни, понекогаш и погорчливи ноти. Поради тоа, периодот на највредната берба е краток, непредвидлив и исклучително важен за производителите. По бербата следува процесот кој на лонгџинг му го дава неговиот препознатлив изглед и вкус.

Свежо обраните лисја рачно се пржат во големи метални тави загреани на многу високи температури. Во текот на овој процес се запира оксидацијата, со што чајот ја задржува својата карактеристична зелена боја. Истовремено, лисјата добиваат препознатлив сплескан облик по кој лонгџинг се разликува од повеќето други зелени чаеви. Рачното пржење бара искуство. Потребно е постојано да се следат температурата, количеството на влага и состојбата на лисјата. Токму поради тоа, многу познавачи сметаат дека традиционално обработениот лонгџинг има покомплексен мирис и подолготраен вкус од чаевите обработени со машини. Сепак, современото производство сè повеќе се потпира на механизација. Машините овозможуваат побрза обработка на големи количини чај, но истовремено поттикнуваат дебати за тоа дали на тој начин може да се зачува карактерот кој го прослави лонгџинг во светот.
Како да се препознае вистинскиот чај?
За да го заштитат неговиот углед, кинеските власти дополнително ги заострија правилата за потекло. Вистинскиот лонгџинг смее да го носи тој назив само ако е одгледан во строго дефинирана област околу Хангџоу. Производителите што ги исполнуваат условите добиваат посебни ознаки за автентичност со QR-кодови кои овозможуваат следење на потеклото на производот. Ваквите мерки се воведени поради сè поголемиот број чаеви кои се произведуваат во други делови на Кина, но се продаваат под името лонгџинг за да постигнат повисока цена.

За разлика од типичните зелени и црни чаеви, лонгџинг не остава драматичен прв впечаток, а токму во таа воздржаност се крие неговата привлечност. За најскап се смета ши фенг (лавовски врв) мингќиан лонгџинг, редок зелен чај од првата пролетна берба кој се одгледува во самото срце на областа на Западното Езеро.
Цените на овој чај обично се движат меѓу 260 и 1.300 евра за 500 грама, додека најесклузивните серии достигнуваат од 5.200 до 8.700 евра за килограм. Неговата висока вредност произлегува од исклучително краткиот период на берба, ограничените количини, како и од фактот што најценетите ливчиња се берат рачно пред почетокот на традиционалниот кинески период ќингминг, кога се смета дека имаат најнежен вкус и најизразена арома.












