Нептун можеби крие преживеан сведок на најголемата апокалипса во Сончевиот систем

Точка

20/06/2026

10:43

746

Големина на фонт

а а а

Американски научници ја реконструираа бурната историја на сателитите на Нептун и заклучија дека месечината Тритон можеби ги уништила или исфрлила речиси сите природни сателити на Нептун, освен Нереида.

Системот од месечини на Нептун можеби содржи траги од еден од најразорните настани во историјата на Сончевиот систем. Според новата студија на научници од Калифорнискиот институт за технологија, гигантската месечина на Нептун, Тритон, можеби уништила или исфрлила речиси сите оригинални сателити на планетата, оставајќи само еден преживеан – Нереида.

Тритон долго време ги збунува астрономите. За разлика од другите природни сателити на Нептун, тој орбитира во спротивна насока од ротацијата на планетата, што укажува дека не се формирал заедно со Нептун. Научниците веруваат дека Тритон првично бил дел од бинарен објект во Кајперовиот Појас, а подоцна бил гравитациски заробен од Нептун и вовлечен во неговата орбита.

И Нереида е необичен објект. Таа била откриена во 1949 година од Џерард Кајпер, повеќе од еден век по откривањето на Тритон, и останала единствениот познат сателит на Нептун покрај Тритон сè до прелетувањето на „Voyager 2“ во 1989 година. Нејзината исклучително издолжена орбита, која трае 360 дена, со децении ги наведуваше научниците да веруваат дека станува збор за уште еден заробен објект од Кајперовиот Појас.

Вселенскиот телескоп открива поинаква приказна

За да го истражат потеклото на Нереида, научниците користеле инфрацрвени инструменти на вселенскиот телескоп „James Webb“, набљудувајќи ја за првпат во тој дел од спектарот, пренесува „Science Alert“.

Набљудувањата покажале дека Нереида е послична на природно формираните ледени месечини околу Уран и Сатурн отколку на темните и прашливи објекти заробени од Кајперовиот Појас. Нејзините инфрацрвени карактеристики значително се разликуваат од оние на Феба, познат заробен објект што орбитира околу Сатурн.

„Уникатниот спектар на Нереида меѓу телата во надворешниот дел од Сончевиот систем не е во согласност со сценариото според кое таа била заробена за време на динамичката нестабилност во раниот Сончев систем“, наведуваат авторите на студијата објавена во списанието „Science Advances“.

Разорното доаѓање на Тритон

Откако сценариото за заробување практично било отфрлено, тимот спровел симулации користејќи го динамичкиот компјутерски модел REBOUND.

Пресметките покажале дека доаѓањето на Тритон во многу ексцентрична ретроградна орбита би го уништило оригиналниот систем од месечини на Нептун.

Голем број сателити биле уништени или исфрлени од системот, додека дел од материјалот веројатно придонел за формирањето на прстените на Нептун и помалите месечини, како што е Протеј, покажал компјутерскиот модел.

Во околу 20 проценти од симулациите, Тритон исфрлил една од оригиналните внатрешни месечини во стабилна, многу издолжена орбита која се совпаѓа со орбитата на Нереида.

Доколку ова сценарио е точно, тогаш Нереида не е заробен вселенски скитник, туку преживеан, но сериозно оштетен остаток од првата генерација месечини на Нептун.