Почна Ел Нињо? Научниците предупредуваат дека би можел да биде меѓу најсилните досега и дека светот го очекуваат екстремни временски прилики

Точка

14/06/2026

11:35

965

Големина на фонт

а а а

Американски научници официјално го потврдија почетокот на климатскиот феномен Ел Нињо, кој влијае врз порастот на глобалните температури и временските прилики ширум планетата.

Американската Национална управа за океани и атмосфера (NOAA) соопшти дека во тропскиот дел на Тихиот Океан се исполнети условите за развој на Ел Нињо, природен климатски феномен кој периодично влијае врз временските обрасци ширум светот, пишува „BBC“.

До потврдата дојде откако температурата на површината на морето во централниот и источниот дел на Пацификот го надмина прагот од 0,5 Целзиусови степени над просекот, што се смета за клучен показател за почетокот на оваа фаза на затоплување.

Експертите истакнуваат дека самата појава на Ел Нињо не е изненадување, бидејќи следуваше по завршувањето на Ла Ниња, постудената фаза од истиот климатски циклус. Меѓутоа, она што загрижува е процената дека актуелниот настан би можел да прерасне во таканаречен „супер Ел Нињо“, односно еден од најсилните забележани во современата историја.


Според прогнозите на NOAA, постои 63 проценти веројатност дека од ноември до јануари Ел Нињо ќе достигне многу силен интензитет, што би го вброило меѓу најизразените климатски настани од овој вид од 1950 година наваму. Некои климатски модели дури предвидуваат дека температурите во тропскиот Пацифик до крајот на годината би можеле да бидат и повеќе од три степени над просекот.

Можни нови температурни рекорди

Научниците предупредуваат дека Ел Нињо сега се развива во свет кој веќе е значително затоплен поради климатските промени предизвикани од човечките активности. Поради тоа, неговите ефекти би можеле да бидат посилни отколку порано.

Британскиот климатолог Адам Скејф оценува дека крајот на 2026 година и текот на 2027 година би можеле да донесат исклучително високи глобални температури. Ел Нињо обично ја зголемува просечната температура на планетата за околу 0,2 Целзиусови степени, бидејќи ослободува топлина акумулирана во океаните и ја пренесува во атмосферата.

Според неговите зборови, комбинацијата од природното затоплување предизвикано од Ел Нињо и долгорочните климатски промени би можела да доведе до нови температурни рекорди на глобално ниво.

Суши, поплави и пожари

Иако последиците се разликуваат од регион до регион, Ел Нињо често носи сериозни временски екстреми.

Зголемен ризик од поплави се очекува во делови од Јужна Америка, Источна Африка и одредени подрачја на Азија. Во исто време, Австралија, Индонезија и северните делови на Јужна Америка би можеле да се соочат со изразени суши и поголема опасност од шумски пожари.


Таквите нарушувања често влијаат и врз земјоделското производство, што може да доведе до пораст на цените на храната и проблеми во синџирите на снабдување.

Метеоролозите наведуваат и дека Ел Нињо обично ја намалува активноста на ураганите во Атлантскиот Океан, но предупредуваат дека тоа не значи нужно поповолни временски услови за сите региони.

Не се сите метеоролози согласни

Додека американската NOAA и Јапонската метеоролошка агенција сметаат дека Ел Нињо веќе започнал, австралиските метеоролози користат построги критериуми за прогласување на овој феномен. Тие оценуваат дека Пацификот во моментов се приближува кон условите за Ел Нињо, но сè уште официјално не го прогласиле неговиот почеток.

Без оглед на разликите во проценките, поголемиот дел од светските метеоролошки центри се согласуваат дека Ел Нињо ќе се развива во текот на наредните месеци и дека би можел да остане присутен до есента, а веројатно и подолго.

Инаку, Ел Нињо се јавува на секои две до седум години и најчесто трае околу една година. Иако нема конечни докази дека климатските промени ги прават овие настани почести, научниците предупредуваат дека затоплената планета може значително да ги засили нивните последици.