Како истата жена четири пати освои џекпот на лотарија? Освои 20 милиони долари, па исчезна од јавноста

Точка

18/06/2026

21:00

657

Големина на фонт

а а а

Да се добие на лотарија еднаш се смета за исклучителна среќа. Двапати можеби би предизвикало сомнеж, но четири пати – тоа веќе се граничи со невозможното.

Сепак, токму тоа ѝ успеало на Џоан Гинтер, чија приказна и денес се опишува како „статистичко чудо“. Она што ѝ се случувало помеѓу 1993 и 2010 година ги збунува експертите и остава отворено прашање дали станува збор за среќа, стратегија или нешто трето.

Не го измамила системот

Во четири наврати, поранешната професорка по математика освоила импресивни 20,4 милиони долари. Без јавни настапи, без медиумска помпа и без гламур, Џоан по секоја добивка едноставно исчезнувала од фокусот на јавноста и се враќала на својот тивок и повлечен живот.

За разлика од многумина, Џоан не била „обичен“ играч. Имала докторска титула од Универзитетот Стенфорд и предавала математика на колеџ во Калифорнија, што значи дека одлично ги разбирала статистиката и веројатноста, пренесува „Mirror“.

Првиот џекпот го освоила во 1993 година, во вредност од 5,4 милиони долари, потоа два милиони долари во 2006 година, три милиони долари во 2008 година и конечно 10 милиони долари во 2010 година.

Две од четирите добитни ливчиња ги купила на истата бензинска станица во родниот Тексас.

Иако постоеле тивки гласини за можни манипулации, Комисијата за лотарија на Тексас официјално ги отфрлила тие сомнежи. Никогаш не бил пронајден доказ дека Џоан го измамила системот.

Дополнително, таа никогаш јавно не тврдела дека открила „дупка во системот“ или некаква „специјална формула“.

Она што дополнително ја продлабочило мистеријата било нејзиното повлекување од јавноста. Одбивала интервјуа, ги избегнувала медиумите и никогаш не ги објаснила своите добивки, што дополнително поттикнало шпекулации и разни теории.

„Математиката на лотаријата не е комплицирана“

Статистичарот Алан Салцберг од консултантската компанија „Salt Hill Consulting“ смета дека објаснувањето не е мистерија, туку комбинација од знаење и стратегија.

„Математиката на лотаријата не е толку комплицирана. Не мислам дека ви е потребен докторат“, изјавил тој, отфрлајќи ги теориите за чиста среќа или „божествена интервенција“.

Според неговата анализа, Џоан најверојатно ги реинвестирала претходните добивки, играла почесто и избирала игри со подобри шанси за добивка, како и места со помал број играчи. Ваквиот пристап, тврди тој, може значително да ги зголеми шансите за успех, иако сè уште не гарантира добивка.

Доколку неговата теорија е точна, „невозможната серија“ на Џоан Гинтер станува помалку чудо, а повеќе пример за исклучително дисциплинирана стратегија на играње.


Жена која им помагала на другите

Луѓето кои ја познавале ја опишуваат како скромна и великодушна личност. Никогаш не се омажила и немала деца, но според сведочењата на пријателите, значителен дел од своето богатство го трошела помагајќи им на други луѓе.

Плаќала школарини, подарувала куќи и дискретно решавала финансиски проблеми на луѓето од својата околина.

Нејзината долгогодишна пријателка Фран Воли се сеќава дека Џоан со години ги играла истите броеви и дека во моментот кога го освоила првиот џекпот во 1993 година се наоѓала надвор од земјата.

„Беше добра кон сите“

По тој момент нивното пријателство станало уште посилно. Џоан ѝ помагала на Фран за време на студиите без да бара ништо за возврат, а подоцна ѝ помогнала и при купување куќа.

„Беше добра кон сите. Ако знаеше дека некој има финансиски проблеми, секогаш се обидуваше да помогне“, изјавила таа.

Откако Фран во 2011 година го изгубила својот дом во пожар, на нејзината сметка, како што тврди, почнале да пристигнуваат необјасниви уплати. Џоан дури ѝ понудила да ѝ купи автомобил, но таа ја одбила понудата.


Живот далеку од луксузот

И покрај огромното богатство, Џоан никогаш не оставала впечаток на личност која располага со милиони. Носела едноставна облека, долго време престојувала во Шпанија и живеела без луксузот што обично се поврзува со милионерите.

Подоцна се преселила во Лас Вегас, а потоа повторно се вратила во Тексас, каде што живеела во Сан Антонио.

Починала во април 2024 година на 77-годишна возраст. Нејзините соседи ја опишуваат како ведра и омилена личност.

„Најпрекрасната и најдуховитата жена во соседството. Ќе ни недостига“, напишала своевремено Џуди Ленард.

И денес, приказната за Џоан Гинтер останува една од најневеројатните приказни во историјата на лотариите – приказна која за некого е доказ за неверојатна среќа, а за други пример за математичка дисциплина и внимателно осмислена стратегија.