Древниот даб во срцето на Шервудската шума, во Нотингемшир, Велика Британија, за кој се верува дека е стар околу 1.200 години, целосно се исушил.
Добротворната организација задолжена за зачувување на шумата соопшти дека дрвото подолг период покажувало знаци на сушење поради топлотните бранови и долготрајните суши.
Од организацијата додаваат дека големиот број посетители со години го газеле земјиштето околу дрвото, што дополнително придонело за неговото слабеење, пренесува „Sky News“.
Фондацијата за зачувување на шумата, која во 2014 година го прогласи дабот за најпознато дрво во светот, соопшти дека неговото пропаѓање е резултат, меѓу другото, и на последиците од прекумерниот туризам.
The Major Oak has died 😕🌳https://t.co/ujESGC5YpV
— The English Oak Project (@TheKentAcorn) June 18, 2026
Стручниот консултант Ед Пајн истакна дека ова претставува сериозно предупредување и дека начинот на кој се однесуваме кон древните дрвја ќе биде клучен за тоа дали тие ќе преживеат и за идните генерации.
Посетителите со години имале можност да се доближат непосредно до дабот, кој потекнува уште од времето на Норманското освојување.
Исто така, било дозволено и качување на шупливото стебло на дрвото, но во текот на 1970-тите години просторот околу него бил ограден, по што посетителите можеле да го набљудуваат само од дистанца.

Дабот ќе остане на своето место како споменик, а добротворната фондација соопшти дека дрвото ќе претставува трајно наследство нераскинливо поврзано со сеќавањето на Робин Худ и Шервудската шума.
Желадите и младите фиданки што никнувале од дрвото биле засадени на повеќе локации ширум светот, дополнително зајакнувајќи го наследството на овој прастар даб, пренесува „Sky News“.







