[ФОТО/ВИДЕО] „Пеперутката на Егејот“ е скриен рај: Недопрена природа и тишина го издвојуваат овој остров од сите други во Грција

Точка

05/06/2026

20:12

508

Големина на фонт

а а а

Астипалеа или Астипалаја, често нарекувана „пеперутката на Егејот“ е еден од најпосебните грчки острови.

Својот прекар го должи на необичниот облик што потсетува на пеперутка со раширени крилја, а се наоѓа меѓу Кикладите и Додеканезите, спојувајќи ги карактеристиките на двата островски света. Токму таа единствена комбинација ѝ дава на Астипалеа посебен идентитет што ја разликува од бројни други грчки дестинации.


Островот Астипалеа (Astypalaia) е познат по живописната Хора, главната населба што се издига на рид над морето. Белите куќи со сини детали, тесните калдрмисани улички и традиционалните ветерници создаваат препознатлива разгледница од Грција.

На врвот на населбата доминира венецијанскиот замок Керини од 13 век, од каде што се пружа спектакуларен поглед кон Егејското Море и околните острови.


Туризмот на Астипалеја се развива со поинакво темпо отколку на популарните дестинации како Санторини или Миконос. Наместо масовен туризам, островот привлекува патници кои бараат автентична Грција, мирни плажи и побавен начин на живот.


Посетителите тука доаѓаат најмногу поради кристално чистото море, скриените заливи и традиционалните таверни. Исто така, доаѓаат и поради можноста да го истражат островот без големите метежи што станаа секојдневие на некои попознати грчки острови.


Посебен шарм имаат плажите како Ливади, Каминакија и Ватсес. До нив често се стигнува со брод или по живописни патишта низ недопрена природа. Благодарение на разгранетото крајбрежје, Астипалеа е популарна меѓу љубителите на едрење и излети со брод, додека бројните мали островчиња во нејзина близина нудат можност за истражување на помалку познати катчиња на Егејот.


Одржлив наместо масовен туризам

Во последните години Астипалеа стана и симбол на одржлив туризам. Грчката влада и компанијата Фолксваген започнаа амбициозен проект за трансформација на островот во модел на зелена мобилност.


Во употреба биле воведени електрични возила и современи решенија за одржлив транспорт, со што Астипалеа се позиционираше како своевидна лабораторија за идниот туризам на Медитеранот.


Благодарение на спојот на автентичната архитектура, богатата историја, недопрената природа и одржливиот развој, Астипалеа денес претставува една од најинтересните дестинации за патници кои сакаат да ја запознаат помирната и потрадиционална страна на Грција.


Токму поради тоа „пеперутката на Егејот“ сè почесто го привлекува вниманието на туристите кои бараат искуство далеку од вообичаените туристички рути.