Меџити: Локалната самоуправа има клучна улога на европскиот пат на државата

Макфакс

03/06/2026

17:00

121

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот Изет Меџити учествуваше на седницата на Заедничкиот консултативен комитет во Брисел, каде дискутираше за улогата на локалната самоуправа во европската интеграција и важноста на зајакнување на општините во процесот на усогласување со европските стандарди.

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, учествува на седницата на Заедничкиот консултативен комитет (JCC), која се одржува во Брисел при Европскиот комитет на регионите, каде присуствуваат претставници на локалните и регионалните власти од земјите членки на Европската Унија и земјите кандидати за членство.

За време на седницата се дискутира за процесот на европска интеграција, размената на искуства и зајакнувањето на соработката меѓу единиците на локалната самоуправа, со посебен фокус на улогата на општините во спроведувањето на реформите и усогласувањето со европските стандарди.

„Интеграцијата во Европската Унија останува стратешки приоритет на нашата држава. Во овој процес, локалната самоуправа има незаменлива улога како алка што ги поврзува реформите со конкретните потреби на граѓаните и ги доближува европските стандарди до локално ниво“, изјави Меџити.

Во рамки на средбите и дискусиите, посебно внимание се посветува на патот кон членство во Европската Унија, продолжувањето на реформите и зајакнувањето на улогата на локалната самоуправа во исполнувањето на европската агенда на државата.