Губењето на популарноста, стагнацијата на економијата, застојот во Украина и зголемувањето на украинските напади врз руска територија — сето тоа се предизвици за рускиот претседател Владимир Путин.
Високи владини функционери го предупредиле Путин дека трошоците за војната во Украина се движат во насока што Москва не може да си ја дозволи, што е најсериозен знак за внатрешни поделби во Москва од почетокот на големата инвазија.
Функционери од руското Министерство за финансии и од централната банка го информирале Кремљ дека сегашното ниво на проектирани одбранбени трошоци ризикува опасно зголемување на буџетскиот дефицит на владата, според извори запознаени со темата и документи што ги прегледал „Блумберг“.

Функционерите, кои во последните месеци се сè позагрижени поради состојбата на руската економија и државниот буџет, предложиле ново намалување на одбранбените трошоци, рекле изворите. Тие советувале дека ќе биде тешко да се поправат растегнатите јавни финансии на земјата без да се пронајдат дополнителни мерки за ефикасност.
Меѓутоа, поделбата меѓу креаторите на политиките довела до тоа високи функционери во Министерството за одбрана и некои во Кремљ, кои се решени да ги остварат воените цели на Путин, да инсистираат на заштита на воените расходи. Тие тврдат дека нивното намалување сериозно би ѝ наштетило на економијата, бидејќи голем број компании се потпираат на договори поврзани со војската.

Путин побарал од функционерите на Министерството за финансии да најдат намалувања на потрошувачката во други буџетски области пред да се насочат кон одбраната, рекле некои од изворите. Русија се наоѓа на работ на рецесија откако во мај ја намали својата прогноза за раст. Министерството за економија сега очекува бруто домашниот производ во 2026 година да порасне за 0,4%, наместо претходната проценка од 1,3%. Официјалните податоци покажуваат дека економијата се намалила во првиот квартал првпат по три години.
Од друга страна се појавила и информацијата дека Путин покренал амбициозна и исклучително скапа научна програма вредна 28 милијарди долари, со крајна цел — забавување на стареењето и продолжување на животот, можеби дури и до 150 години.

Според информациите што ги објави „Мирор“, руските даночни обврзници финансираат масовна државна кампања за „вечна младост“, која вклучува најнапредни технологии на генетска терапија, 3Д-печатење живо ткиво и ксенотрансплантација (одгледување човечки органи кај свињи).
Иако опсесијата на Путин е одамна позната, размерите на оваа програма дури сега излегоа во јавност. Меѓу приоритетните области на истражување наводно е генетската терапија.
Руските научници тврдат дека работат на првиот лек во светот што го блокира генот „RAGE“, односно рецепторот за напредни крајни производи на гликација, чија активација го поттикнува стареењето на клетките. Тука се и 3Д-печатењето органи и биопечатењето.
Наводно започнале и со ксенотрансплантација — одгледување човечки органи во генетски модифицирани мини-свињи.

Програмата се спроведува под покровителство на иницијативата „New Health Preservation Technologies“ („Нови технологии за зачувување на здравјето“), а ја надгледуваат ќерката на Путин, Марија Воронцова, ендокринолог и неговиот близок соработник Михаил Ковалчук, директор на Институтот „Курчатов“.
На конференција за вештачка интелигенција Путин изјавил: „Веројатно е можно да се достигнат 150 години“. Потоа додал дека ни тоа не е доволно. Според извештаите, тој го советувал кинескиот претседател Си Џинпинг дека двајцата можат да доживеат 150 години, велејќи: „Човечките органи можат постојано да се пресадуваат. Колку подолго живееш, толку помлад стануваш“.

Многу аналитичари веруваат дека зад оваа програма стои и политички мотив. Противниците на Кремљ стравуваат дека Путин планира уште долго да остане на власт. Истражувачкиот новинар Илја Дављатчин тврди дека реалната цел на Путин не е 150 години, туку 97 години — токму толку за во 2050 година неговиот син да наполни 35 години и да биде подготвен да ја преземе претседателската функција.
Минатата година почина долгогодишниот советник на Путин за анти-ејџинг, професорот Владимир Хавинсон, кој тврдел дека може да го продолжи човечкиот живот до 110 – 120 години. Путин и неговата партнерка Алина Кабаева наводно ги користеле неговите третмани.
Фото: Блумберг, Волстрит џурнал















