Исчекувањето за преднарачките на „Grand Theft Auto VI“ би можело наскоро да заврши. Иако точниот датум сè уште не е познат, информациите од матичната компанија на „Rockstar Games“, „Take-Two Interactive“, укажуваат на скор почеток на голема маркетинг-кампања, а со тоа и отворање на преднарачките за најочекуваната игра на деценијата, пишува „Gaming Bible“.
За време на неодамнешниот состанок со инвеститорите, извршниот директор на „Take-Two“, Штраус Зелник, на директно прашање за почетокот на преднарачките за „GTA VI“ одговорил дека „нема апсолутно никаква идеја“. Сепак, таа изјава можеби не ја открива целата приказна, со оглед на претходните најави од самата компанија.

Летото носи голема маркетинг-кампања
Претходно беше потврдено дека „Rockstar Games“ планира да започне голема маркетинг-кампања за играта во текот на летото, кое трае од 1 јуни до 31 август. Поради тоа, не е нереално да се очекува дека кампањата би можела да започне веќе следната недела. Тоа воедно би бил идеален момент за официјално отворање на преднарачките и објава на трејлерот број три.
Иако сè уште е во сферата на шпекулации, малку е веројатно дека „Rockstar“ би започнал кампања кон крајот на август, што ги зголемува шансите маркетинг-активностите да стартуваат во јуни или на почетокот на јули.
Враќање во Vice City
Дејството на долгоочекуваното продолжение повторно нè враќа во „Vice City“, а официјалниот синопсис открива повеќе за главните ликови.
„Vice City“, САД. Џејсон и Лусија отсекогаш знаеле дека животот не им поделил добри карти. Но, кога грабежот ќе тргне наопаку, тие се наоѓаат на мрачната страна на најсончевиот американски град, среде криминален заговор што се протега низ целата држава Леонида. За да преживеат, ќе мора да се потпрат еден на друг повеќе од кога било досега“.
Датум на излегување и платформи
Излегувањето на играта „Grand Theft Auto VI“ е најавено за 19 ноември 2026 година, и тоа за конзолите „PlayStation 5“ и „Xbox Series X/S“. Верзија за PC сè уште не е официјално потврдена. Со оглед на досегашната практика на „Rockstar Games“, PC верзијата обично излегува околу една година по конзолите, па се очекува и таа најава да пристигне во догледно време.







