„Mercedes-AMG GT 4-Door“ влегува во целосно нова ера: V8 моторите повеќе ги нема, а најновата генерација пристигнува исклучиво како електричен модел. Но, „AMG“ не се откажува од бруталните бројки — најмоќната верзија има до 1153 коњски сили, до 100 км/ч стигнува за околу две секунди и нуди досег до 700 километри според „WLTP“ стандардот.
„Mercedes-AMG GT 4-Door“ досега беше еден од автомобилите што најдобро ги спојуваше луксузната лимузина, купе-силуетата и суровата „AMG“ моќ. Но, новата генерација носи голем пресврт: бензинскиот V8 заминува во историјата, а големиот спортски четиривратен модел на „AMG“ станува целосно електричен.
Според „Motor1. com“, станува збор за првиот целосно електричен модел во семејството „AMG GT“, а дизајнот силно се потпира на концептот „AMG GT XX“. Со тоа „Mercedes“ јасно покажува во кој правец оди иднината на неговите најбрзи модели — помалку бучава од издувниот систем, повеќе сила од батеријата и електромоторите.
До 1153 коњски сили и забрзување до 100 км/ч за околу две секунди
Новиот „AMG GT 4-Door“ ќе пристигне во верзии „GT55“ и „GT63“. Послабиот „GT55“ развива до 805 коњски сили и 1800 Nm вртежен момент, додека помоќниот „GT63“ достигнува дури 1153 коњски сили и 2000 Nm.
Во двата случаи погонот е на сите тркала, но со нагласена распределба на силата кон задната оска.
Перформансите се екстремни. „GT55“ до 60 милји на час, односно 96 км/ч, стигнува за 2,4 секунди, додека „GT63“ истиот спринт го изведува за само 2,0 секунди.
Максималната брзина кај двете верзии е електронски ограничена на 186 милји на час, односно околу 299 км/ч.
За споредба, станува збор за забрзување што влегува во територијата на најбрзите суперспортски автомобили, но во пакување на голем четиривратен модел со луксузна кабина и багажник.

Голема батерија и ултрабрзо полнење
„AMG GT 4-Door“ користи батерија со капацитет од 106 kWh и три аксијални електромотори — два се поставени назад, а еден напред.
„Mercedes“ наведува досег до 700 километри според „WLTP“ циклусот, што е многу амбициозна бројка за автомобил со вакви перформанси.
Еден од најинтересните податоци се однесува на полнењето. Новиот систем поддржува ултрабрзо полнење со моќност до 600 kW, па за само 10 минути може да се додадат повеќе од 460 километри досег.
Тоа е технологија што „Mercedes“ веќе ја најави со концептот „AMG GT XX“, кој за 24 часа поминал околу 5480 километри.
Дизајнот исто така има важна аеродинамична улога. Новиот „AMG GT 4-Door“ има активен заден спојлер и дифузер што се извлекува од браникот, а коефициентот на отпор на воздухот изнесува многу ниски 0,22 Cd.

„AMG“ звук без мотор
Како „AMG“ ќе се справи со фактот дека нема V8 звук?
„Mercedes“ решението го бара во вештачки звук. Во режимот „Sport+“ преку звучниците се репродуцира звук инспириран од V8 мотор — од длабок звук при работа во лер до гласно „рикање“ при силно забрзување.
Внатрешноста носи нов инфозабавен систем, дисплеј пред возачот, екран за совозачот и минимален број физички копчиња, со посебни контроли за режимите на возење на централната конзола.
Посебен детал е панорамскиот стаклен покрив „Sky Control“ со „LED“ елементи што можат да прикажуваат „AMG“ лого, а стаклото може да се префрла меѓу проѕирен и затемнет режим.
„Mercedes“ сè уште не ги објавил официјалните цени, но „Motor1. com“ наведува дека пристигнувањето во салоните се очекува кон крајот на 2026 година.
Сепак, јасно е дека новата електрична генерација ќе биде поскапа од моделот што заминува, пред сè поради целосно новата електрична архитектура и технологијата на батериите.
За традиционалните „AMG“ купувачи, ова можеби ќе биде тежок премин. V8 моторот со децении беше дел од идентитетот на брендот, но бројките на новиот „GT 4-Door“ покажуваат дека „AMG“ не влегува тивко во електричната ера — барем кога станува збор за перформансите.













