„BMW“ го претстави „Vision K18“: Само футуристички концепт или најава за нова дизајнерска насока?

Точка

16/05/2026

20:10

772

Големина на фонт

а а а

Можно е нешто да се изгубило во преводот, но соопштението со кое „BMW“ го најави својот уникатен мотоцикл на манифестацијата „Concorso d’Eleganza Villa d’Este“ на езерото Комо содржи неколку чудни формулации.

Една од нив гласи: „Патувањето на долги релации е реосмислено како сензуално искуство: емоцијата е во центарот, перформансите се клучот – и се доживуваат со сите сетила.“

Сепак, станува збор за мотоцикл, нели? Ако стереотипите барем малку се точни, вакви реченици тешко дека би се очекувале од рационалните и директни Германци. Но, токму тоа се случува.


Мотоциклот за кој станува збор е најновиот „vision model“ на „BMW“ – „Vision K18“, радикално дизајниран патнички моторцикл без странични куфери, придвижуван од шестцилиндричен мотор од 1.800 кубици.

На дизајнерскиот тим на „BMW“ мора да му се признае храброста да излезе надвор од стандардните рамки.

"Bagger" силуета со авионска инспирација

„Vision K18“ има силуета на "bagger", која според „BMW“ потсетува на „авион што полетува“.

Наместо класични странични куфери, проширените панели на каросеријата ги опкружуваат шесте издувни цевки – по три од секоја страна – со завршница што наликува на керамички слој.

Освен шесте издувни отвори, напред се наоѓаат и шест доводи за воздух кои го насочуваат воздухот кон впечатливо поставен филтер, сместен таму каде што вообичаено би се наоѓал резервоарот за гориво.

Во соопштението се споменуваат само два технички детали.

Првиот е 1.800cc моторот, што е значајно бидејќи актуелниот шестцилиндричен агрегат на „BMW“ има зафатнина од 1.649 кубици.


Вториот е „хидраулично суспензија која се спушта“, што звучи како адаптивниот систем за висина на возилото што веќе постои кај моделите „R 1300 GS“ и „GSA“.

Системот автоматски го намалува преднапрегањето за ефективно да ја спушти висината на седиштето и да им овозможи полесен допир со подлогата.

Но, со оглед на тоа што ваквите мотори и онака имаат ниско седиште, можно е „BMW“ да алудира на нешто слично на „Dynamic Chassis Adjustment“, системот од „R 1300 RT“, кој функционира спротивно – ја подигнува задницата на мотоциклот за подобра геометрија и поголема стабилност во свиоци.

Такво решение би било логично за перформансен "bagger" и би можело драстично да го подобри управувањето. Воедно, би овозможило и екстремно ниска „slammed“ позиција кога моторот е паркиран.

Со оглед на помпезниот тон на соопштението, сè уште има многу шпекулации, но токму тоа и е поентата на „vision“ моделите на „BMW“ – да предизвикаат разговори и претпоставки.

„BMW“ и „Villa d’Este“ – долгогодишна приказна

„BMW“ со години соработува со „Villa d’Este“ и често токму таму претставува концептни возила.

Меѓу најпознатите се „Concept R18“ од 2019 година и „Concept RR“ од 2025 година.

Разликата меѓу „concept“ и „vision“ моделите е важна. „BMW“ обично ја користи ознаката „concept“ за мотоцикли што имаат реални шанси да влезат во сериско производство, како „R 18“.

Од друга страна, „vision“ моделите, како „Vision CE“ и „Vision DC Roadster“, најчесто претставуваат дизајнерски експерименти и футуристички идеи.

Самото име „Vision K18“ јасно покажува дека станува збор за вежба во визија и дизајнерско размислување.


Можно ли е ова да е нова насока за „BMW“?

Ако се занемарат футуристичките детали како екстремните издуви, егзотичните материјали, рачно изработените компоненти и изложениот филтер за воздух, се отвораат интересни можности.

Не е невозможно да се замисли поголем шестцилиндричен мотор или "bagger" со адаптивна висина на суспензијата.

Но, тоа не е сè.

Со својот голем двоцилиндричен мотор и ретро дизајн, „R 18 B“ е „BMW“ вклопен во светот на "bagger" моторциклите.

„Vision K18“, пак, изгледа како "bagger" вклопен во светот на „BMW“.

Редниот шестцилиндричен мотор е типичен за „BMW“, но излегува надвор од класичниот крузер концепт. Истото важи и за „Duolever“ предната суспензија.


Интересно е што „BMW“ веќе има произведено ваков мотоцикл – „K 1600 B“.

Наместо да ја намали важноста на „Vision K18“, токму „K 1600 B“ му дава смисла, бидејќи нуди увид во размислувањата и идните идеи на инженерите и дизајнерите на „BMW“.

„Со ’BMW Motorrad Vision K18‘ покажуваме како ги интерпретираме перформансите, луксузот и емоцијата на нов и многу самоуверен начин. За нас, редниот шестцилиндричен мотор е многу повеќе од агрегат – тоа е изјава. ’Vision K18‘ ја претвора таа моќ во скулптурална форма што ја прави динамиката и брзината опипливи дури и кога мотоциклот мирува. Овој мотор ја претставува нашата страст постојано да ги поместуваме границите на дизајнот и перформансите“, изјави Маркус Флаш, извршен директор на „BMW Motorrad“.

Прашањето што останува е: дали екстравагантниот изглед на „Vision K18“ всушност крие нова дизајнерска насока за идните шестцилиндрични багери на „BMW“?

Во најмала рака, концептот нуди редок поглед во креативниот свет на дизајнерите на „BMW“. Ако „K18“ е своевидна табла на визии, тогаш можеби токму таа ќе му помогне на „BMW“ повторно да ги помести границите во светот на луксузните мотоцикли.