Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го обвини режимот на Мицкоски дека во Владата има голем број функционери со бугарски пасоши и ги критикува за одбивањето на предлог-законот кој би забранил двојни државјанства за членовите на Владата.
Граѓаните добија уште едно јавно и многу јасно признание од организираната криминална група на Христијан и ВМРО, а тоа е дека во владата врие од луѓе со бугарски пасоши. Одбија да го прифатат предлог-законот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, со кој премиерот, вицепремиерите, министрите и членовите на Владата не би можеле да имаат двојни државјанства, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој вели дека не го поддржале предлогот затоа што така пола влада требало веднаш да си замине.
„Може целата влада да биде составена од луѓе кои во џебот имаат бугарски пасоши, ама Бугари во Уставот, тоа не може“, рече Филипче.
„Со години ширеа хистерија, ширеа страв и ги лажеа граѓаните дека е загрозен нашиот национален идентитет. Токму од овие луѓе кои, замислете, во џебовите имаат бугарски пасоши. Вицепремиери, министри, пратеници, градоначалници, директори, цела мрежа на функционери на ВМРО-организираната криминална група со бугарски пасоши со години продава лажен патриотизам, додека тивко си обезбедувале европски документи за себе и за своите семејства. И додека ја држат Македонија во изолација и намерно создаваат конфликти со соседите, си ја обезбедиле само за себе својата европска иднина“, рече лидерот на СДСМ.
Според него, одбивањето да се прифати овој предлог-закон на СДСМ целосно ја обликува нивната лицемерна политика.
Тој вели дека со внесувањето на Бугарите и другите малцинства во Уставот се зајакнува нашиот национален идентитет, сите идентитетски одредници, бидејќи тогаш, како што кажа, јасна е дистинкцијата помеѓу македонскиот народ и бугарското малцинство кое живее тука.











