Потсахарска Африка во наредните неколку милиони години би можела да се раздели, а научниците веруваат дека можеби токму сега сме сведоци на самите почетоци на тој геолошки процес. До разделувањето би дошло долж пукнатината Кафуе, расцеп во Земјината кора кој се протега околу 2.500 километри од Танзанија до Намибија.
Геолозите долго време сметаа дека таа пукнатина е неактивна, но сè поголем број докази во последните децении укажуваат на спротивното. Помали земјотреси, зголемена температура под површината и ситни промени во надморската височина забележани од сателити сугерираат дека ова подрачје би можело да се претвори во нов континентален расцеп и на крајот во нова граница на тектонски плочи, пишува „CNN“.
Геохемиски траги во термалните извори
Нова студија, објавена во списанието „Frontiers in Earth Science“, оди чекор понатаму.
„Имаме први геохемиски податоци од тоа подрачје. Тоа е сосема поинаков вид доказ кој навистина ја зајакнува идејата за активност на пукнатините во таа зона“, изјави Рута Каролите, која ја предводеше студијата на Универзитетот Оксфорд.
Нејзиниот тим собрал примероци од термални извори и геотермални бушотини во Замбија, над сомнителните расцепи.
„Жешката вода избива на површината, а ние го земавме примерокот од гасот што излегува од неа“, објасни Каролите.
Истражувачите се фокусирале на односот помеѓу два вида хелиум, хелиум-3 и хелиум-4, барајќи јасен знак за поврзаност со Земјината обвивка – слојот помеѓу кората и јадрото.
„Пронајдовме повеќе хелиум-3 отколку што е вообичаено во кората, што генерално укажува дека во водата доаѓаат флуиди од обвивката“, додаде таа.
Иако резултатите се прелиминарни бидејќи примероците потекнуваат од само шест локации на концентрирано подрачје, тимот верува дека новите податоци претставуваат ран сигнал за формирање нова граница на плочи. Примероците од два термални извора оддалечени околу 95 километри од пукнатината не покажале слично зголемување на односот на хелиум-3.

Долг пат до нов океан
Тектонските плочи се огромни блокови од цврсти карпи кои се движат по Земјината обвивка, а нивното движење предизвикува земјотреси и ги обликува континентите. Активна пукнатина може да стане граница на плоча, но тоа не е загарантирано.
„Пукнатините често започнуваат и запираат, или малку се шират па повторно застануваат. Тешко е да се предвиди што ќе се случи“, рече Каролите.
Африка веќе има пукнатина стара десетици милиони години – Источноафриканската пукнатина, која е сеизмички активна и има неколку вулкани. Ќе биде потребно многу долго време пукнатината Кафуе да се развие на сличен начин.
„Во најбрзото сценарио, тоа би можело да се случи за неколку милиони години. Во најбавното, би можело да потрае 10 или 20 милиони години“, изјави коавторот на студијата Мајк Дели, гостин-професор на Универзитетот Оксфорд.
„Јужниот дел од Африка би се одвоил, но пред тоа би виделе многу повеќе земјотреси и одредена вулканска активност со излевање лава. Би почнале да се создаваат длабоки пукнатини во кои би се задржувала вода, па би настанале езера какви што денес постојат во источна Африка. На крајот би се формирало и море“, додаде Дели.

Можност за науката и економијата
Проучувањето на пукнатината Кафуе би можело да помогне во одговорот на едно од основните прашања во тектониката:
„Како настанува нова граница на плоча? Зрелите граници лесно се препознаваат, но најраните фази се многу посуптилни“, вели Естела Атеквана, професорка на Универзитетот Калифорнија во Дејвис, која не учествувала во студијата.
„Ако пукнатината Кафуе е дел од новонастанувачка граница на плоча, тоа ни дава ретка можност да го проучуваме нејзиното создавање пред вулканизмот, големите земјотреси и значајните деформации на површината да ги прикријат првобитните услови.“
Фоларин Колаволе, доцент на Универзитетот Колумбија, исто така не учествувал во студијата и смета дека наодите се возбудливи бидејќи даваат „силна потврда“ дека постои директен проток на флуиди од обвивката кон површината.
„Клучното значење на новата граница на плочи во југозападна Африка е тоа што сега имаме утврден пат на распаѓање на континентот од источна Африка, преку Боцвана и Намибија, па сè до Атлантскиот Океан“, додаде тој.
Во поблиска иднина, Замбија би можела да има економски придобивки од овој процес. Енергијата од геотермалните електрани кои се појавуваат во тоа подрачје би можела да стане значаен ресурс. Оваа земја без излез на море би можела дури и да собира хелиум, кој е многу баран во медицинската и технолошката индустрија.

Потребни се уште докази
Научниците истакнуваат дека за потврда на наодите е потребно да се соберат уште примероци од гас од пошироко географско подрачје долж пукнатината, а нова студија со проширени резултати веќе е во подготовка. Атеквана напоменува дека, и покрај ограничениот број примероци, резултатот е значаен.
„Тие обезбедуваат силни геохемиски докази дека пукнатината Кафуе е активна во длабочината, иако магмата сè уште не стигнала до површината“, наведе таа. Сепак, додава дека се потребни повеќе податоци долж целата предложена граница за да се утврди дали сигналот на хелиум од обвивката е континуиран или само локален.
„Ова ја поддржува хипотезата за почетна фаза на распукување, но потврдата на нова граница на плочи бара тестирање во целосен обем“, рече таа. „Тоа не значи дека Африка утре ќе се распадне; тие процеси траат милиони години. Но од научна перспектива, тоа би било како да сведочиме на раѓањето на една граница на плочи“, заклучи Атеквана.














