Картичката „Tuyo“ предизвикува сензација: купи сега, плати можеби! На корисниците по случаен избор им се простуваат трошоци, но критичарите предупредуваат на психолошки замки. Финансиите стануваат игра на среќа.
Американската економија сè повеќе наликува на големо казино. Во свет во кој крипто „меме“ валутите експлодираа, а спортското обложување стана дел од секојдневието, се појави нов финансиски производ кој оваа гејмификација ја крева на уште повисоко ниво: дебитна картичка со слоганот „купи сега, плати можеби“.

Што всушност е картичката „Tuyo“?
Во основа, „Tuyo“ е „Visa“ дебитна картичка поврзана со децентрализирани финансии („DeFi“). Корисниците ги чуваат средствата во сопствен дигитален паричник („self-custody wallet“) во форма на „USDC“ стабилна криптовалута на „Coinbase“ „Base“ мрежата.
За разлика од кредитните картички, трошењето е можно само до висината на расположливите средства, без можност за влегување во минус. Платформата поддржува депозити од повеќе мрежи, вклучувајќи „Ethereum“, „Arbitrum“ и „Polygon“, а корисниците можат бесплатно да ги конвертираат средствата во „USDC“.
Во моментов е достапна како виртуелна картичка, но техничките спецификации наведуваат дека и физичка верзија е во подготовка.

Психологија на зависност во паричникот
При секое купување, „Tuyo“ може целосно да го отпише трошокот на трансакцијата. Компанијата тврди дека не станува збор за лотарија, туку за алгоритам кој по случаен избор одбира бесплатни купувања за да се „максимизира задоволството на корисниците“.
Само еден ден по објавувањето, тие се пофалија со повеќе од 1.700 простени трансакции. Сепак, критичарите предупредуваат дека на тој начин секое плаќање во продавница се претвора во вртење рулет, особено затоа што компанијата не објавува никакви статистички податоци за шансите за добивка.

Финансиската адвокатка Ариел Гивнер на социјалните мрежи ваквиот пристап го нарече „дизајнирана зависност“.
„Ова ги таргетира истите психолошки тригери како казината и „loot box“ системите. Неизвесноста околу бесплатното купување го претвора секојдневното трошење во игра на слот-апарат – истакна таа, додавајќи дека почетниот бран бесплатни купувања всушност е маркетиншки трошок осмислен за да создаде еуфорија, додека поголемиот дел од корисниците на крајот нема да добијат ништо.

Финансиите како игра на среќа
Гејмифицираните програми за наградување не се новост, но „Tuyo“ е дел од поширок тренд во кој финансиските апликации сè повеќе наликуваат на платформи за коцкање.
Берзите како „Coinbase“ и „Robinhood“, кои започнаа како едноставни платформи за тргување, денес нудат деривати и илјадници ризични криптовалути.

Овој феномен се случува во контекст на сè поголема економска нееднаквост. Податоците на Федералните резерви покажуваат дека еден процент од најбогатите домаќинства поседуваат 31,7 проценти од националното богатство.
Во таква економија, каде вистинските профити одат „кај куќата“, обичните граѓани сè почесто се свртуваат кон ризични потези во надеж за брза заработка.













