Како математичкиот гениј од Балканот ги оштетил крипто-платформите за 65 милиони долари и никој ништо не му може: Уапсен само еднаш и тоа во Србија, но набрзо бил ослободен

Точка

11/05/2026

18:16

1.070

Големина на фонт

а а а

Андeан Меџедовиќ, канадски хакер со босанско потекло и математички гениј, е осомничен дека извршил софистицирана хакерска измама и дека присвоил криптовалути во вредност од 65 милиони долари.

По него се распишани потерници од неколку земји. Бил уапсен во Србија, но Вишиот суд во Белград одбил да го екстрадира во Холандија и, по 105 дена поминати во притвор, бил пуштен на слобода. Оттогаш му се губи секоја трага. Во моментов, преку американски лобисти се обидува да добие помилување од Доналд Трамп за да избегне долгогодишна затворска казна.

Меџедовиќ е роден во Хамилтон, во канадската провинција Онтарио. Средно училиште завршил на 14 години, а на 18 стекнал звање магистер по математика. Неговите родители се населиле во Канада по војната во Босна и Херцеговина во деведесеттите години. Го сметале за математички гениј, а тој тоа знаење го искористил за да премине „на другата страна на законот“ и да се стекне со огромно богатство, чија вредност се проценува на 65 милиони долари!

Напад од хотелска соба во Холандија тежок милиони

Меџедовиќ е познат ширум светот како хакер кој, благодарение на своето математичко знаење и компјутерски вештини, извлекол милиони долари од две платформи за тргување со криптовалути.

Освен што извлекувал пари, Меџедовиќ комуницирал и со своите жртви, што привлекло внимание кај многу експерти кои коментирале дека таквото однесување отстапува од вообичаеното однесување на хакери што се занимаваат со вакви измами.

Кражбата на 65 милиони долари се случила во периодот меѓу 2021 и 2023 година, откако Меџедовиќ ги искористил пропустите во кодот на две платформи — „Indexed Finance“ и „KyberSwap“.

Првото хакирање со кое бил поврзан се случило набргу откако дипломирал — и тоа значително пред рокот. Го поврзале со хакирањето на „Indexed Finance“, од каде што во октомври 2021 година извлекол 16 милиони долари преку навидум тривијална измама.

Со оваа измама го поврзале врз основа на корисничкото име што го користел, бидејќи со истото корисничко име уредувал една страница на „Wikipedia“. Истото корисничко име го користел и за време на учество на едно натпреварување по програмирање. Иако надлежните органи успеале да го поврзат со грабежите, тоа не биле доволно цврсти докази за негово апсење.

Сепак, суд во Онтарио во декември 2021 година издал налог за негово апсење, по што на Меџедовиќ му се губи секоја трага.

„Живеам на остров“

На почетокот на 2023 година, Меџедовиќ дал изјава за „DL News“ и рекол дека сѐ уште е во бегство и дека живее на остров чие име не сакал да го открие.

Неколку месеци подоцна, во крипто-паричниците поврзани со хакирањето на „Indexed Finance“ почнале да пристигнуваат средства од оние што ги користел при хакирањето на „KyberSwap“. Тогаш успеале да го поврзат и со новата кражба.

Уапсен во Србија

Следниот пат кога неговото име се појавило во јавноста било кога во 2024 година бил приведен во Белград, по потерница што по него ја распишала Холандија. Документите од постапката за екстрадиција од Вишиот суд во Белград, до кои дошле „Balkan Investigative Reporting Network“ и истражувачката документарна програма на „CBC“, даваат одличен увид во начинот на живот и местото на престој на младиот човек со наводни 65 милиони американски долари.

Во изјавата што ја дал пред српските надлежни органи рекол дека патувал во Бразил, Обединетите Арапски Емирати, Шпанија и други делови од Европа.


„Ги негирам сите обвиненија наведени во барањето за екстрадиција и не сакам да одам во Холандија“, рекол тој и додал дека би сакал во Србија да има деца и да постигне „уште некои работи“.

Холандија побарала негова екстрадиција бидејќи се сомнева дека големата измама ја извел од хотелска соба во Хаг, во која Меџедовиќ се сместил користејќи лажен словачки пасош.

Се наведува дека утрото по хакирањето ненадејно го напуштил хотелот, иако го имал платено престојот за наредниот месец.

Меџедовиќ му рекол на српскиот суд дека пред апсењето во Србија „четири месеци бил во Дубаи, каде што го користел името Лоренцо“. Исто така рекол дека тоа име го користел и за да изнајми стан во Белград.

„Кога престојував во хотели, користев лажни имиња и лажни пасоши, особено во Холандија користев лажен словачки пасош, а тоа го правев за да ја зачувам својата приватност, бидејќи кога тргувате со криптовалути, често станувате мета на криминалци“, рекол тој.

По 105 дена поминати во српски притвор, Меџедовиќ бил пуштен на слобода на 22 ноември 2024 година.


Во својата одлука со која го одбил барањето на Холандија за екстрадиција, Вишиот суд во Белград навел дека холандското обвинителство не докажало доволно дека Меџедовиќ е сторител на злосторството и дека, дури и ако е, тие дела носат премногу блага казна во таа земја за да бидат основа за екстрадиција.

Така, Меџедовиќ уште еднаш исчезнал без трага. Министерството за правда на САД во јануари 2025 година во документи навело дека верува оти тој заминал во Босна и Херцеговина.

Електронската преписка меѓу Меџедовиќ и неговиот татко покажува дека тој имал намера да обезбеди босански лични документи преку своите родители, за да може „да добие државјанство на друга земја“.

„Ќе преговараме кога ќе се одморам“

Набргу откако милиони во криптовалути биле извлечени од виетнамската компанија „KyberSwap“ — акција што американските и холандските власти му ја припишуваат на Меџедовиќ — тогаш сѐ уште неидентификуваниот напаѓач испратил јавно видлива порака до компанијата:

„Преговорите ќе започнат за неколку часа, кога целосно ќе се одморам. Ви благодарам.“

„KyberSwap“ понудил награда од 10 проценти, што е вообичаена практика во вакви инциденти, каде што од сторителот се бара да врати дел од криптовалутите, а за возврат да помине без последици.

Тој веднаш го одбил тоа и наместо тоа побарал целосна контрола над платформата „Kyber“, нудејќи да им врати 50 проценти на инвеститорите кои ги изгубиле средствата.


„Знам дека ова веројатно е помалку отколку што посакувавте. Сепак, тоа е многу повеќе од она што го заслужувате“, напишал тој.

Ангажирал фирма за да лобира кај Трамп за помилување

Во документите на Министерството за правда на САД се наведува дека Меџедовиќ ја ангажирал лобистичката фирма „JM Burkman & Associates“ во врска со случајот што САД го водат против него. Преку таа фирма, Меџедовиќ наводно има намера да ангажира владини претставници „со цел да се обезбеди претседателско помилување“.