Како дете, Маријам поминувала многу време покрај Каспиското Езеро. Од својот роден град Рудсар во Иран, таа гледала како нивото на водата се менува низ годините, понекогаш до таа мера што еднаш во текот на 1990-тите, порастот на нивото на водата ги оставил нејзините роднини без покрив над главата. Денес, меѓутоа, ситуацијата е сосема поинаква.
„Влегувам сè подлабоко и подлабоко во водата, но таа ми достигнува само до колената. За некоj што пораснал покрај вода, тоа е запрепастувачки“, вели Маријам.
Најголемото езеро во светот исчезнува
И тоа не е аномалија — Каспиското Езеро, најголемото езеро во светот, исчезнува. Научниците предупредуваат дека нивото на водата опаѓа уште од 1990-тите и дека е малку веројатно овој тренд да се промени. Прогнозите укажуваат дека падот би можел да достигне 21 метар.

„За да го ставиме тоа во перспектива, пад од 18 метри е поголем од висината на шесткатница“, вели Сајмон Гудман, еволутивен биолог од Универзитетот во Лидс во Велика Британија.
Таков пад би имал значителни последици врз екосистемите, како и врз човековото здравје, благосостојбата и економската активност. Постојат неколку главни фактори што стојат зад опаѓањето на нивото на водата. Каспиското Езеро, кое граничи со Иран, Русија, Азербејџан, Туркменистан и Казахстан, се напојува од неколку реки, но околу 80 проценти од водата во езерото доаѓа од север преку реката Волга.
Браните, системите за наводнување и другите облици на управување со водите со децении влијаат врз количината на вода што се влева во него. Гудман предвидува дека ситуацијата во иднина ќе стане уште покомплицирана.
„Проекциите за остатокот од овој век укажуваат дека климатските промени уште посилно ќе влијаат врз континуираниот пад на нивото на водата“, додава Гудман, пренесува „DW“.

Главни причини
Емисиите штетни за климата од согорувањето на нафта, гас и јаглен предизвикуваат пораст на глобалните температури, што исто така придонесува за зголемено испарување од површината на Каспиското Езеро. А како што врнежите и дотокот во басенот на Волга се намалуваат, Каспиското Езеро губи повеќе вода отколку што добива.
Гудман објаснува дека ова ќе има последици за целиот регион.
„Многу пристаништа околу Каспиското Езеро ќе мора значително да се продлабочат за да останат достапни за бродскиот сообраќај“, вели експертот.

И риболовот е погоден. Станува сè потежок во плитките води на северот, а ако водата дополнително се повлече, голем дел од северниот басен би можел целосно да пресуши. Последиците веќе се чувствуваат дури и до иранскиот брег на југот.
„Рибните пазари што ги паметам од минатото сега се бледа сенка. Брегот што го паметиме од детството многу се разликува од оној што го гледаме денес“, вели таа, наведувајќи кафуле што некогаш било на самиот брег, а сега се наоѓа неколку метри во внатрешноста.
Аралското Езеро веќе поминува низ оваа катаклизма
Каспиското Езеро би можело да ја следи судбината на Аралското Езеро. Некогаш едно од најголемите езера во светот, ова езеро, кое се наоѓа меѓу Казахстан и Узбекистан, речиси пресуши поради пренасочување на водата.
„Тоа не само што доведува до уништување на екосистемите и изворите на храна — езеро што исчезнува има и сериозни последици врз човековото здравје поради токсичните песочни бури. Каспиското Езеро веќе е на почетокот на овој процес“, предупредува Сајмон Гудман, експерт од Универзитетот во Лидс.

Пет држави граничат со Каспиското Езеро, што значи дека напорите за негова заштита бараат тесна координација. Гудман забележува дека земјите веќе развиваат мерки за соработка, но тие сè уште се во рана фаза.
Тој истакнува дека долгорочната адаптација ќе бара континуирани вложувања во научни истражувања — и стратегии што ги земаат предвид и еколошките и економските аспекти. И тоа што е можно побрзо.
„На почетокот сме на овој процес, но брзината со која се преземаат мерките мора да одговара на брзината на промените во животната средина“, вели Гудман.









