Оваа Бугарка украде милијарди евра и исчезна во 2017 година: „FBI“ сè уште ја бара, наградата е 5 милиони евра!

Точка

08/05/2026

21:15

449

Големина на фонт

а а а

Беше позната како „Cryptoqueen“ – жена која ветуваше финансиска револуција, а на крајот се покажа дека стои зад една од најголемите измами во историјата. Ружа Игнатова, Бугарка со германски пасош, и понатаму се наоѓа на листата на најбарани бегалци на „FBI“, со награда од пет милиони долари за информација што ќе доведе до нејзино апсење

Ружа Пламенова Игнатова е родена на 30 мај 1980 година во Русе, Бугарија. Нејзиното семејство по падот на Берлинскиот ѕид се преселило во Германија. Била исклучително талентирана ученичка, прескокнала едно одделение, докторирала меѓународно приватно право на Универзитетот во Констанц, а магистрирала европско право на Оксфорд. Работела и за консултантската компанија „McKinsey“ во Софија.

Но, наместо успешна и угледна кариера, Игнатова избрала криминален пат. Уште во 2012 година била осудена во Германија за измама, при што добила условна казна, а во 2014 година го основала „OneCoin“ – пирамидална шема што ја претставувала како „подобар и поедноставен Bitcoin“.


На инвеститорите ширум светот – од Кина и Бразил, преку Уганда, па сè до Европа – им ветувала огромна заработка. Но, тие всушност не купувале вистинска криптовалута, бидејќи „OneCoin“ воопшто не постоел на „blockchain“. Станувало збор за класична „Ponzi“ шема, во која парите од новите инвеститори се користеле за исплата на „добивка“ на старите.

Се проценува дека измамата им одзела повеќе од четири милијарди долари на луѓето. Многумина останале без животните заштеди, а некои дури и без своите домови.

На денот на исчезнувањето, 25 октомври 2017 година, Ружа требало да говори на собир на инвеститори на „OneCoin“ во Лисабон. Наместо тоа, се качила на лет на „Ryanair“ од Софија за Атина и оттогаш ѝ се губи секаква трага. Се претпоставува дека добила информација за полициска истрага.


„FBI“ во 2022 година ја стави на листата на десетте најбарани бегалци во светот. Нејзиниот брат Константин Игнатов признал вина за измама и перење пари. Во меѓувреме, британските судови го замрзнаа нејзиниот имот, а неодамна и Гернзи конфискуваше речиси девет милиони фунти од нејзините сметки.

Постојат две главни теории за нејзината судбина. „FBI“ и понатаму верува дека е жива и дека се крие, најверојатно со помош на лажни документи.

Од друга страна, бугарските истражувачки новинари од „BIRD“ во 2023 година објавија извештај според кој Игнатова била убиена во ноември 2018 година на јахта во Јонското Море, по наредба на влијателен бугарски криминалец. Наводно, нејзиното тело било распарчено и фрлено во морето.


Некои понови шпекулации дури наведуваат дека можеби е жива и се наоѓа во Јужна Африка, но за тоа засега нема цврсти докази.

Ружа Игнатова стана глобална сензација благодарение на поткастот „The Missing Cryptoqueen“ на „BBC“ и книгата на Џејми Бартлет.