„FBI“ објави документи за сведоштва за мали суштества од НЛО и мистериозни материјали

Точка

11/05/2026

09:01

696

Големина на фонт

а а а

Новообјавените документи на американското Федерално истражно биро – „FBI“ откриваат извештаи за неидентификувани летечки објекти (НЛО), вклучувајќи сведоштва за суштества високи околу еден метар кои, според тврдењата на сведоците, излегувале од леталата, како и описи на непознати метални материјали и наводни остатоци од урнати објекти.

Документите, објавени во рамки на иницијативата на Белата куќа за транспарентност околу НЛО-појавите, содржат преглед на пријави од 1960-тите години, вклучувајќи ја и 1965 година, која во белешките на „FBI“ е означена како период со „најголем број видувања на НЛО низ светот“.

Во извештаите се наведуваат описи на метални објекти кои наводно можат да лебдат без звук, да достигнуваат огромни брзини и да влијаат врз електромагнетните системи, како и тврдења за повеќе случаи на пронаоѓање остатоци од наводно урнати „летечки чинии“, вклучувајќи материјали опишани како непознати метали со микроскопски сфери.


„Некои сведоци пријавиле дека виделе членови на екипаж кои излегувале од објектите, високи околу еден метар, облечени во одела налик на вселенски скафандери и кациги“, се наведува во документот на „FBI“.

Документите се дел од стотици страници, фотографии и снимки објавени во рамки на поширока програма за декласификација, која опфаќа и воени извештаи и архивска граѓа на „NASA“.


Конгресменот од Тенеси, Тим Берчет, кој со години се залага за објавување податоци за НЛО, на социјалната мрежа „X“ изјавил дека „ова е само почеток“, додавајќи дека претходните тврдења дека такви податоци не постојат биле неточни.

Новообјавениот меморандум на „FBI“ е датиран на 19 октомври 1966 година и бил испратен од канцеларијата на бирото во Сан Франциско до тогашниот директор на „FBI“ под наслов „Неидентификувани летечки објекти“. Во документот се споменуваат и тврдењата на авторот Френк Едвардс, кој НЛО ги опишувал како објекти наводно „испратени од вселената за да ја набљудуваат Земјата“, како и наводи за наводно прикривање информации од страна на американското воено воздухопловство.


„FBI“ во белешките навел дека пријавените објекти биле со различни форми, вклучувајќи дискови, цилиндрични и јајцевидни формации, како и дека во некои случаи по нивното наводно слетување биле пронајдени траги од изгорена почва.

Во извештајот се наведува дека објектите биле опишувани како полирани метални летала кои емитираат топлина и светлина, а одредени сведоци тврделе дека добиле изгореници поради близината до објектите.


Во меморандумот се наведува дека тогашниот конгресмен и иден претседател на САД, Џералд Форд, јавно повикувал на одржување конгресни сослушувања за инцидентите поврзани со НЛО.

Објавувањето на документите е дел од пошироката одлука на администрацијата на Доналд Трамп за декласификација на материјали поврзани со НЛО и наводни вонземски појави, додека официјалните претставници претходно предупредиле дека сведоштвата не претставуваат доказ за постоење вонземски живот.