[ВИДЕО] Каде се денес сестрите кои ја напуштија сцената на Евровизија во Загреб 1990 година: Скандалот којшто го направија е еден од најголемите во историјата на натпреварот

Точка

11/05/2026

07:35

4.855

Големина на фонт

а а а

Азукар Морено ја одбележаа европската музичка сцена со темпераментна мешавина од фламенко и поп, а нивниот легендарен настап на Евровизија 1990 во Загреб, прекинат од технички проблеми, а потоа повторен пред милиони гледачи, останува еден од најпознатите моменти во историјата на натпреварувањето.

Кога зборуваме за најпрепознатливите шпански музички дуети, името Азукар Морено е неизбежно поглавје од европската поп-култура. Харизматичните сестри од Андалузија комбинираа фламенко, латино ритми, поп и денс музика, а кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите станаа една од најголемите шпански ѕвезди.

Нивниот настап на Евровизија 1990 беше запаметен како еден од најхаотичните, но и најлегендарните моменти во историјата на натпреварувањето.

Азукар Морено беше составен од сестрите Антонија Тони Салазар и Енкарнасион Енкарна Салазар, членови на големото ромско музичко семејство Салазар од Андалузија. Тие се родени во Бадахоз и пораснале во Мадрид, опкружени со фламенко музика и традиција. Нивните браќа биле дел од познатата група Лос Чунгитос, една од највлијателните фламенко-поп групи во Шпанија.

Токму со нив сестрите ги направија своите први сериозни музички чекори. На почетокот на 80-тите години настапуваа како придружен вокал, а потоа ослучиле да започнат свој проект. Името Азукар Морено, што во превод значи „кафеав шеќер“, го симболизираше нивниот темперамент, енергија и медитерански музички стил.


Својот прв албум го издадоа во 1984 година, но вистинскиот пробив се случил неколку години подоцна, кога почнале да го комбинираат фламенкото со модерен денс-поп звук. Нивните песни се полни со страст, ритам и латино енергија, што ги издвои на шпанската сцена во тоа време.

Кон крајот на 80-тите, тие станаа голема сензација во Шпанија и Латинска Америка, а песни како „Devórama Otra Vez“ и „Bandido“ ги претворија во регионални ѕвезди.

Во 1990 година, Шпанија одлучи да го испрати Азукар Морено на Евровизискиот натпревар во Загреб со песната „Bandido“. Дури и пред натпреварот, тие се сметале за едни од фаворитите бидејќи песната нудеше нешто сосема поинакво - комбинација од фламенко, латино звук и модерен танцов ритам.

Сепак, нивниот настап беше запаметен по еден голем технички инцидент токму на почетокот на песната. Имено, оркестарот и матрицата не беа координирани, па по неколку секунди од настапот, сестрите демонстративно ја напуштија сцената пред милиони гледачи.


Тоа беше еден од најшокантните моменти во историјата на Евровизија.

По кратка пауза, организаторите им дозволија повторно да ја изведат песната, што во тоа време беше речиси незамисливо. Вториот обид поминал без проблем, а енергичната изведба ја воодушеви Европа. На крајот, го освоија петтото место, но многумина веруваат дека без почетниот хаос, ќе завршеа уште подобро. И покрај тоа, „Bandido“ стана голем европски хит и една од најпознатите песни во историјата на Евровизија.


По Евровизија, популарноста на Азукар Морено експлодираше низ цела Европа и Латинска Америка. Албумот „Bandido“ стана меѓународен хит, а сестрите продолжија да постигнуваат успех со песни како „Solo Se Vive Una Vez“, „Ven Devórame Otra Vez“, „Mambo“, „Olé“ и „Torero“. Нивниот препознатлив стил, гламурозен изглед и експлозивни настапи ги претворија во модни и музички икони на 90-тите. Тие беа особено популарни во Шпанија, Италија, Грција и латиноамериканските земји.

Иако со години изгледале неразделни, проблемите се натрупувале зад сцената. На почетокот на 2000-тите, односот меѓу сестрите сериозно се влошил поради деловни несогласувања, исцрпеност и различни кариерни погледи.

Во 2007 година, тие официјално ја прекинаа соработката и тргнаа по различни патишта. Во тоа време, шпанските медиуми пишуваа за големи кавги и целосен прекин на комуникацијата. Обожавателите со години копнееја по нивното помирување.


По неколку години дистанца, Тони и Енкарна успеале да ја поправат својата врска, а во 2013 година повторно почнале да настапуваат заедно. Враќањето на Азукар Морено предизвика голем интерес кај публиката, особено кај генерациите што пораснаа со нивните хитови.

Сестрите продолжија да прават концерти, да се појавуваат на телевизиски емисии и да објавуваат нова музика, иако никогаш не ги достигнаа комерцијалните височини што ги имаа во текот на 90-тите.

По легендарниот настап во 1990 година, Азукар Морено се обиде неколку пати повторно да ја претставува Шпанија на Евровизија. Најпознатиот обид се случи во 2019 година, кога учествуваа на шпанскиот натпревар за песна на Евровизија со песната „Debajo del mismo sol“ и во 2022 година со „Postulero“.

Иако предизвикаа голема носталгија и интерес кај публиката, не успеаја да се пласираат на натпреварот.

Денес, Тони и Енкарна Салазар се уште активни на музичката сцена, повремено настапувајќи и учествувајќи во телевизиски проекти во Шпанија. Иако повеќе не се постојано присутни на врвот на топ листите, Азукар Морено остануваат симбол на една ера и еден од најпрепознатливите шпански музички извози.