Спектаклот, веќе 78 години познат како Мет Гала, открива како изгледа модата кога „слегува“ од пистите и оживува на црвениот тепих, во самото срце на Њујорк.
Во познатиот „Метрополитен“ по тој повод се собираат повеќе ѕвезди од шоу-бизнисот отколку што би дошле на изложба на комплетен опус на некој од најголемите уметници на сите времиња. Кога веќе зборуваме за уметноста, која беше главната тема на синоќешната церемонија, имавме можност да видиме и една жива статуа. А кој друг ако не – Хајди Клум!
Можеби на прв поглед ќе помислите дека некрунисаната кралица на Ноќта на вештерките го промашила и настанот и темата, но всушност погоди „во центар“. Темата што ја зададе Ана Винтур беше многу едноставна – „Costume Art“, па Мет Гала 2026 им понуди на ѕвездите безброј можности за експериментирање, а Хајди Клум, која веќе е дел од „инвентарот“ на овој спектакуларен настан, отиде најдалеку.
Не би ѝ било првпат, секако, но ретко кој очекуваше дека на црвениот тепих ќе видиме – Кип на слободата, како што многумина првично помислија, додека не сфатија дека славната манекенка всушност оживеала друга добро позната скулптура, изработена од мермер.
Имено, со необичниот (за некои и бизарен) аутфит му оддаде почит на италијанскиот вајар Рафаело Монти и неговото најпознато дело „Дама под вел“.
Скулптурата на весталка, свештеничка од антички Рим, е изработена во 1847 година и е изложена во „Chatsworth House“, резиденција на семејството Кевендиш во Дербишир. Постојат уште неколку слични дела на Монти, бисти кои може да се видат во њујоршкиот „Метрополитен“ и галерии во Пиемонт и Минеаполис.
Хајди Клум овојпат се одлучи за драстично поинаква комбинација од онаа во која се појави минатата година – едноставен црн фустан со потпис на Гурам Гвасалија. Уметникот Мајк Марино и неговиот тим, кои неодамна ѝ изработија костим на Медуза за Ноќта на вештерките, стојат зад овој проект на „живо уметничко дело“, а наместо класични ткаенини користеа поинаков материјал – спандекс и латекс.
Во секој случај, неуморната Хајди – жена од камен – остави силен впечаток. И не ја промаши темата, ако случајно помисливте…



