Џенифер Раучет, сопруга на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, се најде во центарот на вниманието поради фустанот што го носела на вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа (WHCA).
Нејзиниот моден избор предизвика расправа на социјалните мрежи откако инфлуенсерката Ела Деви објавила дека станува збор за „фустан од популарната интернет-продавница Temu“.
Свечената вечера се одржа на 25 април во хотелот „Washington Hilton“, каде што се собраа политичари, новинари и познати гости. Настанот го обележа и безбедносен инцидент: вооружен маж пукал во фоајето, кај безбедносната проверка пред салата. Во тој момент во внатрешноста се наоѓале претседателот Доналд Трамп, потпретседателот Џ. Д. Венс и бројни други гости, меѓу нив и Пит и Џенифер Хегсет, кои пред вечерата насмеано позирале на црвениот тепих.

Откако беа објавени фотографии од настанот, Раучет неочекувано стана главна тема на интернет. Креаторката на содржини Ела Деви тврди дека сопругата на министерот на свеченоста пристигнала во фустан од „Temu“.
„Сопругата на Пит Хегсет носеше фустан од „Temu“ за 12 евра на вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа – не се шегувам“, напишала 18-годишната инфлуенсерка, заедно со фотографија од парот на вечерата и фустан од онлајн продавницата.

Објавата предизвикала лавина од коментари. Некои шпекулирале дека фустанот доаѓа од „локален десничарски бутик кој препродава работи од ‘Temu’“. Еден коментар гласеl: „Баш ми е жал за неа. Маж ѝ е многу богат, а не ѝ купил убав фустан... Треба да се ослободи од него.“
Други пак, ја бранеле: „Ве нервира кога некој носи дизајнерски фустани, а сега ве нервира и кога купува поевтини? Што би ве задоволило?“ Многумина се согласија дека изгледала убаво без разлика од каде е фустанот. „Не е важно од каде ѝ е фустанот, изгледаше прекрасно“, напишал еден корисник.