Ова поинакво тирамису со јагоди е вистинско освежување на трпезата, едноставно за подготовка и идеално кога ќе посакате нешто слатко, а лесно.
Овој освежителен рецепт го пронајдовме на популарниот Јутјуб канал „Reci peci“.
- 500 гр. маскарпоне сирење
- четири жолчки
- 150 гр. шеќер
- една кесичка ванилин шеќер
- 250 мл. слатка павлака за шлаг
- поголемо пакување пишкоти
- 500 гр. јагоди
- три лажици шеќер
- 200 гр. јагоди
- 150 мл. вода
- сок од еден лимон
Изматете ги жолчките со шеќерот и ванилиниот шеќер така што ќе станат пенести. Потоа смесата варете ја неколку минути на пареа. Смесата нема веднаш да се згусне, но кога ќе ја оставите да се олади, таа ќе се стегне.
Во друг сад изматете го маскарпонето, па додајте ја изладената смеса од жолчки. Посебно изматете ја слатката павлака за шлаг, па додајте ја во оваа смеса и добро измешајте.
Потоа следува подготовка на сирупот за потопување на пишкотите. Во сад соединете ги исечканите јагоди, сокот од еден лимон, шеќерот и водата, па изблендирајте со рачен миксер. Потоа сирупот кратко загрејте го.
Пишкотите натопете ги во сирупот и редете ги во плех, а потоа додајте дел од кремот и ситно сечкани јагоди. Повторувајте ја постапката додека не ги потрошите сите состојки. Десертот пред сервирање треба добро да се олади. По желба можете да украсите со шлаг или да посипете со какао како во традиционалниот рецепт.