Се истражува вакцина за еден од најсмртоносните канцери, научниците оптимисти: „Веруваме дека најдовме начин да го разбудиме имунолошкиот систем“

Точка

23/04/2026

19:10

682

Големина на фонт

а а а

На голема конференција за истражување на ракот во Соединетите Американски Држави, научниците ги презентираа најновите резултати од експериментална вакцина за екстремно смртоносен рак.

Ракот на панкреас понекогаш се нарекува најсмртоносен од главните видови на рак, бидејќи иако е релативно редок, околу 87 проценти од луѓето кај кои е дијагностицирана болеста не преживуваат следните пет години. Дури и по децении истражување, овие исходи едвај се подобрија, пишува „Sciencealert“.

Конечно, се појавуваат нови опции за третман, а една од најперспективните е персонализираната mRNA вакцина.


Овој лек сè уште е во клинички испитувања, но според најновите податоци, истражувачите велат дека седум пациенти со рак на панкреас чиј имунолошки систем развил одговор на вакцината што ја примиле се сè уште живи и во добра здравствена состојба.

На една од овие пациенти ѝ била дијагностицирана оваа смртоносна болест на 66-годишна возраст и примила девет дози од вакцината. Таа сега има 72 години и таа и нејзиниот сопруг ја прославија 50-годишнината од бракот.

„Немам граници за тоа што можам да направам, па затоа е апсолутно чудо за мене“, рекла таа.

Оваа вакцина за рак на панкреас се разликува од другите можни опции бидејќи е направена индивидуално за секој пациент, користејќи генетски материјал директно од нивните тумори по хируршко отстранување. Се смета дека вакцината делува така што го учи имунолошкиот систем на телото да препознава и да запомнува одреден вид рак. Овие обучени клетки потоа можат да живеат со години, можеби дури и децении, потенцијално заштитувајќи го организмот од враќање на болеста.

„Веруваме дека пронајдовме начин да го разбудиме имунолошкиот систем за да спречиме враќање на ракот“, изјавил Роберт Вондерхајде, претседател на Американската асоцијација за истражување на ракот (AACR), за CBS8 во Сан Диего, додавајќи:

„Ако успееме, можеме да го примениме овој пристап кај повеќе пациенти со рак на панкреас, а всушност стратегијата би можела да се користи и кај други видови рак. Ние сме многу оптимисти.“

Најновите резултати од првата фаза од клиничкото испитување беа презентирани на овогодишниот состанок на AACR од страна на онкологот Винод Балачандран од Центарот за рак „Меморијал Слоун Кетеринг“ во САД.


„По шест години следење, приближно 90 проценти од пациентите кои развиле (имунолошки) одговор сѐ уште се живи. Затоа сметаме дека ова е многу возбудливо за полето на истражување“, рекол тој.

Сепак, наоѓањето операбилна форма на рак на панкреас е доста ретко. Болеста е подмолна и понекогаш се нарекува тивок убиец. Околу 90 проценти од пациентите се дијагностицираат предоцна за операција, што е една од ретките опции што можат да доведат до лекување.

Во најнапредните фази, стапката на преживување од пет години паѓа на 3,2 проценти.