Неверојатно откритие на Антарктикот: Пронајдовме остров што го нема на мапа

Точка

17/04/2026

19:33

423

Големина на фонт

а а а

Меѓународен тим научници на германскиот ледоломец „Polarstern“, во сопственост на Институтот „Alfred Wegener“ (AWI), на 8 февруари започнал истражувачка експедиција во северозападниот дел на Веделовото Море, кое е дел од Јужниот океан, во близина на брегот на Антарктикот.

Во еден момент дошле до целосно неочекувано откритие – откриле нов остров, и тоа сосема случајно, откако бродот поради лоши временски услови побарал засолниште во заветрината на островот Џоинвил. На навигациските карти тоа подрачје дотогаш било означено како „опасна зона“, но визуелниот контакт и последователните истражувања го потврдиле постоењето на копно.

„Гледајќи низ прозорецот, видовме ’санта мраз‘ која изгледаше малку валкано. Со подетално набљудување сфативме дека веројатно станува збор за карпа. Тогаш го сменивме курсот и се упативме во таа насока, а стануваше сè појасно дека пред нас има остров“, објаснува Симон Драутер од AWI за „Phys.org“.

Следува процес на именување

Членовите на екипажот утврдиле дека новооткриениот остров е долг околу 130 метри, а широк 50 метри. Највисоката точка се наоѓа на 16 метри над нивото на морето. Интересно е што вистинската позиција на островот се разликува за една наутичка милја од местото кое на картите претходно било заведено како опасност за пловидба.

Експертите претпоставуваат дека островот досега останал незабележан бидејќи, поради покриеноста со мраз, на сателитските снимки било речиси невозможно да се разликува од бројните ледени санти што пловат во близина. Сега следува официјалниот процес на именување и меѓународна регистрација, по што точните координати ќе бидат внесени во светските поморски бази на податоци.


Клучни податоци за климатските промени

Експедицијата, предводена од професорот Кристијан Хаас, ги истражува морскиот мраз и океанските струи на Антарктикот. Досега забележале силно топење и голема варијабилност во дебелината на мразот, која се движи од 1,5 до дури 4 метри. Особено значајни се откритијата на слатка вода под мразот, која го спречува продорот на океанската топлина.

Собраните податоци од бродот „Polarstern“ ќе бидат клучни за разбирање на глобалниот циклус на јаглерод и влијанието на климатските промени врз поларните подрачја.