Преопасно за луѓето, совршено за ѕверовите: Како Чернобил од зона на смрт стана оаза на дивината

Точка

19/04/2026

14:30

1.779

Големина на фонт

а а а

Четири децении по најлошата нуклеарна катастрофа во историјата, чернобилската зона на исклучување и понатаму е место премногу опасно за човечки живот. Сепак, таму каде што луѓето засекогаш си заминаа, а руската инвазија остави нови лузни во вид на ровови и мински полиња, природата го притисна „копчето за ресетирање“.

По загаденото пространство, кое стана премногу опасно за луѓето, денес слободно талкаат најдивите коњи на светот. Низ чернобилската зона на исклучување, коњите на Пржевалски, здепасти, со песочна боја и изглед што донекаде потсетува на играчки, пасат во радиоактивен пејзаж поголем од целиот Луксембург.

Експлозијата во нуклеарната електрана во тогашната Украинска ССР, на 26 април 1986 година, рашири радиоактивен облак низ Европа и ги принуди властите да евакуираат цели градови, раселувајќи десетици илјади луѓе. Тоа беше најлошата нуклеарна катастрофа во историјата.


Четири децении подоцна, Чернобил, кој во Украина се пишува и изговара како „Чорнобил“, и понатаму е премногу опасен за луѓето. Сепак, дивите животни се вратија.

Волците сега крстарат низ огромната ничија земја што се протега низ Украина и Белорусија, а кафеавите мечки се вратија за првпат по повеќе од сто години. Популациите на рисови, лосови, обични елени, па дури и глутници кучиња скитници, повторно се во пораст.

Пржевалскиевите коњи, со потекло од Монголија, кои некогаш беа на самиот раб на исчезнување, беа населени овде во 1998 година како дел од научен експеримент.

Познати како „таки“ (дух) во Монголија, овие коњи се разликуваат од домашните раси: имаат 33 пара хромозоми, во споредба со 32 кај питомите коњи. Денешното име го добиле по рускиот истражувач кој прв официјално ги опишал.


„Фактот дека во Украина денес постои слободна популација на овие коњи претставува вистинско мало чудо“, вели Денис Вишневски, главен научник за заштита на природата во оваа зона.

Без присуство и влијание на луѓето, додава тој, делови од зоната на исклучување денес потсетуваат на европските пејзажи од пред неколку века и нагласува: „Природата релативно брзо и ефикасно се обновува“.

Трансформацијата е видлива на секој чекор. Дрвја пробиваат низ напуштените згради, патиштата исчезнуваат во шумата, а избледените советски знаци стојат покрај накривените дрвени крстови на запуштените гробишта.

Скриените камери покажуваат дека коњите се приспособуваат на сосема неочекувани начини. Се засолнуваат во урнати штали и напуштени куќи за да се заштитат од екстремни временски услови и инсекти, а таму знаат и да преноќат.


Животните живеат во помали општествени групи, обично е тоа еден пастув со неколку кобили и ждребиња, додека помладите мажјаци формираат посебни глутници. Иако многумина угинале непосредно по населувањето, преостанатите успешно се приспособиле.

Следењето на нивното движење бара многу време. Вишневски често со часови сам вози низ зоната, поставувајќи скриени фото-замки со сензори за движење, прицврстени на дрвјата во камуфлирани куќишта.

И покрај трајното зрачење, научниците не забележале масовни угинувања на животните, иако постојат посуптилни последици од радијацијата. Некои жаби развиле забележливо потемна кожа, а птиците во подрачја со повисоко ниво на зрачење се посклони кон појава на катаракта.


Сепак, се појавија нови закани.

Со руската инвазија во 2022 година, борбите се пренесоа и во зоната на исклучување додека трупите напредуваа кон Киев, копајќи ровови и утврдувања во контаминираната почва. Шумите беа зафатени од пожари предизвикани од воени активности.

Тешките воени зими исто така оставија траги. Поради оштетувањето на електроенергетската мрежа, локалните подрачја останаа без ресурси, а научниците бележат пораст на бројот на паднати дрвја и угинати животни, жртви и на екстремните временски услови и на набрзина изградени воени утврдувања.

„Поголемиот дел од шумските пожари се предизвикани од соборени дронови“, вели Олександр Полишчук, командант на противпожарната единица во зоната. „Понекогаш мораме да патуваме десетици километри за да стигнеме до нив“.

Таквите пожари можат повторно да подигнат радиоактивни честички во воздухот.


Денес зоната повеќе не е само случајно засолниште за диви животни. Таа стана строго чуван воен коридор, испресечен со бетонски бариери, бодликава жица и мински полиња — пејзаж што некои го опишуваат како мрачна, но воодушевувачка убавина.

Персоналот работи во смени за да ја ограничи изложеноста на зрачење. Чернобил веројатно ќе остане затворен за јавноста и за генерациите што доаѓаат, премногу опасен за луѓето, но исполнет со живот.

„За нас што се занимаваме со заштита на природата и екологијата, ова е своевидно чудо“, заклучува Вишневски. „Ова подрачје некогаш беше максимално искористувано, преку земјоделство, градови, инфраструктура. Но природата, на некој начин, го притисна копчето за враќање на фабричките поставки“.