Зад најпознатиот моден детаљ на кралицата Елизабета II се крие интересна приказна

Кармин

22/04/2026

21:00

292

Големина на фонт

а а а

Кралицата Елизабета II еднаш му признала на дизајнерот на своите чанти дека никогаш не се чувствува целосно облечена без чанта на раката, детаљ што стана нејзин заштитен знак.

Сега брендот „Launer“, на кој му беше верна повеќе од 50 години, одлучи за првпат да ѝ понуди на јавноста една од нејзините најпрепознатливи чанти: моделот „Tosca“, изработен точно според нејзините прилагодени спецификации, во чест на одбележувањето на стогодишнината од нејзиното раѓање.


„Повеќе од 50 години имавме исклучителна чест да бидеме поврзани со Нејзиното Височество и привилегија нѝ е да ја одбележиме нејзината трајна оставнина со овој посебен проект“, изјави извршниот директор на „Launer“ Џералд Бодмер.

Детаљ што бил клучен

Чантата „Tosca“ била меѓу најомилените модни додатоци на покојната кралица и ја поседувала во неколку варијанти, вклучувајќи црна лакирана и беж верзија. Иако стандардниот модел доаѓа со златен синџир кој се отстранува, верзијата на кралицата имала кожен ремен, исто така отстранлив, што била нејзина лична модификација. Таквиот избор не бил случаен, туку одраз на нејзината наклонетост кон практичност и удобност, која често била поважна од самиот впечаток.

„За првпат оваа култна чанта е достапна за јавноста, изработена со иста внимателност кон деталите како оригиналот, вклучувајќи го елегантниот кожен ремен што кралицата го претпочитала“, истакна Бодмер.


Моделот е лансиран во 1990-тите и кралицата го носела во бројни пригоди. Особено се памети нејзиното појавување во 2009 година, кога токму со таа чанта го пречека тогашниот американски претседател Барак Обама и првата дама Мишел Обама во Бакингемската палата.

Интересно, истиот модел го носи и кралицата Камила, која го поседува во бела верзија.

Новата верзија на „Tosca“ е дел од специјалната колекција „QEII Commemorative Collection“, која вклучува осум модели чанти што ги носела кралицата, меѓу нив и популарната „Traviata“. Купувачите имаат можност за дополнителна персонализација: вклучувајќи симбол на „Launer“ украсен со кристали и дискретна плочка во внатрешноста на чантата.


Чанти од личната колекција изложени на јавноста

За оние кои сакаат да ги видат оригиналните примероци, три чанти од личната колекција на кралицата Елизабета се изложени во Бакингемската палата, во рамки на изложбата „Queen Elizabeth II: Her Life in Style“. Изложбата, која трае до 18 октомври, носи повеќе од 300 парчиња од нејзината гардероба, нудејќи увид во стилот на една од најпрепознатливите фигури на модерната историја.

„Тоа што чантите од личната колекција на кралицата се дел од оваа изложба за нас е исклучително емотивно. Начинот на кој ги чувала внимателно го покажува нејзиното почитување кон нашиот занает“, заклучи Бодмер.



Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk