Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и по заминувањето од политиката продолжува да живее на висока нога, а нејзините приходи и понатаму предизвикуваат голем интерес во јавноста. Еве од што сè заработува и како дополнително го зголемила богатството.
Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и по заминувањето од политиката живее повеќе од комотно. Како политичка пензионерка прима месечна пензија нешто помала од 15.000 евра, што ја вбројува меѓу најдобро платените пензионери во Германија.
Сепак, тој износ е само дел од нејзините приходи. Меркел во текот на минатата година влезе во нова фаза на благосостојба – стана милионерка благодарение на своите мемоари „Слобода“ („Freiheit“).

Книгата е објавена истовремено во дури 31 земја, вклучувајќи ги и Русија и Кина, а во Германија чини 42 евра. Според наводите на германските медиуми, Меркел и нејзината блиска соработничка и коавторка Беате Бауман добиле повеќемилионски аванс.
Според проценките на издавачките експерти, само правата за германското издание вредат меѓу 1,5 и 1,8 милиони евра, додека вкупниот хонорар на Меркел може да достигне двоцифрен милионски износ.
Иако по заработка е исклучок меѓу германските политичари, Меркел сепак не ги достигнува сумите на светските лидери како Барак и Мишел Обама, кои за своите мемоари добија дури 60 милиони евра.