Една воодушевена реакција на Мерил Стрип бил доволна Емили Блант да добие одобрување во стилот на својот филмски лик.
На премиерата на долгоочекуваното продолжение на филмот „Ѓаволот носи Прада 2“, одржана на 20 април во Њујорк, легендарната актерка била снимeна како го одобрува модниот избор на својата колешка со поглед кој потсетил на немилосрдната уредничка Миранда Пристли, а снимката набрзо стана вирална.

Во видеото што на социјалните мрежи го објави списанието „HELLO!“, 76-годишната Стрип ја набљудува импресивната „Schiaparelli“ тоалета на Емили Блант со одобрување – од глава до пети.
Снимката ја прикажува 43-годишната Блант како позира пред фотографите, а потоа се свртува кон своите колеги. Во тој момент, Мерил Стрип останува без здив, целосно воодушевена од раскошната креација.
Блант за премиерата избра впечатлив фустан од модната куќа „Schiaparelli“ од колекцијата пролет/лето 2026. Актерката на црвениот тепих на шега изјавила дека нејзината стилистка Џесика Пастер „морала да убива луѓе во зори“ за да ѝ ја обезбеди таа креација.

Според соопштението на модната куќа, корсетираниот фустан е украсен со 25.000 свилени пердуви, а изработката на везот траела околу 4000 часа. Изгледот го надополнила со „Mikimoto“ ѓердан и нараквици составени од стотици бисери, како и златни потпетици. Висока пунџа и темен кармин во боја на вишна, кој одговарална нејзиниот маникир, го заокружиле гламурозното издание.
Продолжението на филмот „Ѓаволот носи Прада“ во кината пристигнува на 1 мај, точно 20 години по оригиналот, а премиерата во Линколн центарот ја собра оригиналната актерска екипа, вклучувајќи ги Ен Хатавеј и Стенли Тучи.
Црвената боја била популарен избор меѓу ѕвездите – Хатавеј заблескала во црвен фустан без прерамки од „Louis Vuitton“, додека Стрип носела црвен фустан со наметка од „Givenchy“.

Во интервју за „Porter“ во септември минатата година, Блант изјавила дека франшизата има „длабоки емоционални корени за многумина“ од актерската екипа, додавајќи дека враќањето во светот на списанието „Runway“ не било само „снимање филм“. Сепак, признала и што ѝ било најтешко: „Не сакам да носам потпетици, па враќањето во ‘Ѓаволот носи Прада’ беше грубо будење за сите нас“.