Мајмуните пронашле бизарен природен додаток за полесно варење на човечката брза храна

Точка

22/04/2026

20:02

380

Големина на фонт

а а а

Макаките од Гибралтар обожаваат да крадат човечка брза храна, но тие залчиња сериозно им ја нарушуваат дигестијата.

Макаките од Гибралтар биле забележани како јадат земја, веројатно за да ги ублажат негативните ефекти од човечката брза храна, покажува студија објавена во списанието „Scientific Reports“.

Оваа необична навика, изгледа, им помага на мајмуните да ја сварат храната што ја земаат од туристите, а која инаку би им предизвикала стомачни проблеми – на пример, кога овие животни, кои не поднесуваат лактоза, ќе украдат сладолед.


„Храната што туристите ја носат и што ја јадат макаките на Гибралтар е исклучително богата со калории, шеќер, сол и млечни производи“, изјавил главниот автор на студијата, д-р Силвен Лемоан, биолошки антрополог од Универзитетот Кембриџ.

„Тоа е целосно поразлично од храната што овој вид обично ја консумира, како треви, лисја, семки и повремено инсекти. Консумирањето земја можеби им овозможува да продолжат да јадат храна што има негативни ефекти врз варењето, но која им е подеднакво вкусна како што ни е нам“, додал тој.

Тимот истражувачи следел 230 макаки на Гибралтар и утврдил дека секој мајмун во просек јаде земја 12 пати неделно.

Геофагијата – намерно јадење земја – била за 40 отсто поретка во текот на зимата отколку во летните месеци, кога има повеќе туристи.


Научниците исто така откриле дека мајмуните кои имаат повеќе контакти со луѓе – а со тоа и јадат повеќе брза храна – почесто јадат земја.

Од вкупно осум групи макаки, трите што живеат на туристички места сочинувале дури 72 отсто од сите забележани случаи на геофагија.

Од друга страна, единствената група што немала пристап до туристи ниту до нивната храна, воедно била и единствената кај која никогаш не било забележано јадење земја.


Научниците заклучиле дека геофагијата е директно поврзана со човечката брза храна и дека веројатно делува како додаток за здравјето на цревата, кој ги ублажува штетните ефекти од бисквити, сладоледи и други грицки врз микробиомот на макаките.

„Сметаме дека макаките почнале да јадат земја за да го заштитат својот дигестивен систем од храна богата со енергија, а сиромашна со влакна, која може да предизвика стомачни проблеми кај некои примати“, објаснил Лемоан.

„Земјата што ја внесуваат делува како бариера во дигестивниот тракт, ограничувајќи ја апсорпцијата на штетни супстанции. Исто така може да обезбеди корисни бактерии што му помагаат на цревниот микробиом“, додал тој.

Од друга страна различни групи макаки имале свои преференции кога станува збор за земјата. Повеќето барале црвена глина, но една група претпочитала земја загадена со катран, собрана од дупки на патот.

Макаките не се единствените примати што намерно јадат земја. Прстенестоопашестите лемури го прават тоа во просек 16 пати неделно, а источноафриканските шимпанза околу 14 пати. Геофагијата е присутна и во некои човечки култури, особено за време на бременост.

Меѓутоа, кај берберските макаки од Северна Африка – од каде што потекнува популацијата од Гибралтар – ваквото однесување е многу ретко.


Сепак, постои една група макаки кај која е забележана уште почеста геофагија отколку кај оние на Гибралтар.

Макаките од паркот Џам Шан во Хонгконг биле забележани како јадат земја повеќе од 33 пати неделно – а клучно е тоа што имаат пристап до големи количества човечка брза храна што ја оставаат посетителите.

Лемоан рекол дека студијата покажува како луѓето влијаат врз однесувањето и „културата“ на другите видови.

„Макаките од Гибралтар се длабоко испреплетени со човечката историја и претставуваат впечатлив пример за односот меѓу луѓето и приматите“, нагласил тој.

„Различното ниво на интеракција со луѓето меѓу групите макаки на Гибралтар создава природен експеримент за разбирање на тоа како човечкото влијание врз околината влијае врз однесувањето и културата на приматите“ заклучил тој.