Како еден покераш и математичар создаде фудбалска империја и го промени спортот засекогаш

Точка

22/04/2026

21:08

1.428

Големина на фонт

а а а

Во денешниот фудбал постојат многу изненадувања, убави спортски приказни и изолирани случаи во кои, како плод на случајност, некоја генерација на клуб постигнува успех што никој не го очекувал. За почеток се мислеше дека и клубот Брајтон е сличен пример, сè додека математичкиот гениј Тони Блум не нè увери во спротивното.

Сè, само не плод на случајност. Кога во 2009 година се појави во фудбалските кругови, тогаш сè уште непознатиот локален богаташ не беше сметан за човек што може да им се закани на најголемите и најбогатите во Англија, а камоли човек кој во 2026 година со четири различни клуба ќе бара историски успеси во различни земји во светот.

Освен Брајтон, тој е сериозна сопственичка фигура во белгискиот Унион Сен-Жилоаз, шкотскиот Хартс и австралискиот Мелбурн Виктори.

Почнувајќи како математички експерт, Тони Блум создаде фудбалска империја која се заканува засекогаш да го промени спортот. Преку својата доверлива компанија „Jamestown Analytics“, започна да тргува со уникатни податоци што ги добива врз основа на математички анализи и прецизни процени на вредноста на играчите. Анализите се засноваат исклучиво на бројки и носат успеси каде и да стигне раката на Блум.


„Jamestown Analytics“, а претходно обложувачката компанија „Starlizard“, како темел на фудбалската империја на Блум, не ја следи само сувата статистика на играчите. Таа се заснова на повеќемесечно скаутирање на играчите, процени на нивната социјална, емоционална и тактичка состојба и можностите за развој, а се земаат предвид физичките варијабли заедно со психолошките фактори.

Локалното момче што го спаси саканиот клуб

Тони Блум, роден токму во Брајтон, а дипломирал математика на Универзитетот Манчестер, го купи својот локален клуб Брајтон & Хоув Албион во 2009 година, а денес тоа е машина за создавање пари која истовремено има и одлични резултати.

Брајтон така синоќа го победи Челси со резултат 3:0 и така го прескокна на табелата на шестото место во англиската Премиер лига. Го прескокнаа клубот што се бори за Лигата на шампионите и на кој му дадоа свои играчи за повеќе стотици милиони евра, а паралелно имаат резултати подобри од славниот клуб од „Стемфорд Бриџ“, што доволно зборува за работењето на популарните Галеби од јужниот брег на Англија.

Сопственикот на Брајтон до богатството стигна на сосема необичен начин. Преку врвно познавање на математиката, користејќи логика и модели на веројатност, првите пари ги заработил преку спортско обложување и покер.


Блум кон крајот на 1990-тите беше ангажиран од обложувачницата „Victor Chandler“ да го започне нивниот меѓународен бизнис со коцкање во Бангкок, што го запозна со азискиот пазар и нивниот систем на обложување.

Искуствата од Азија, паралелно со своето знаење, ги спои за да развие деловна империја во Велика Британија. Освен тоа, Блум поседува и значително богатство во светот на недвижностите и приватниот капитал.

Блум на сопственичката позиција во Брајтон покажа сè што фудбалот денес го бара, а тоа е спој на податоци, анализи и финансиско-математичка логика. Сè помалку се зборува за самата игра, а сè повеќе за вредноста што играчот како производ ја носи.

Фудбал на поинаков начин

Секогаш со тетратка и пенкало во рака за да ги запишува веројатностите, овој ексцентричен милијардер и професионален коцкар успеа од нисколигаш за неколку години да направи екипа која истовремено има и неверојатни приходи и резултати што никој не можеше ни да ги сонува.

Само со Брајтон, од играчи платени по два или три милиони евра создаде производи што се продаваа за десетици и стотици милиони евра.

Островскиот фудбал сè уште е потресен од трансферот на Моисес Каиседо. Еквадорецот беше доведен во 2021 година за 28 милиони евра, а две години подоцна беше продаден на Челзи за 116 милиони евра. Трансферот може да порасне дури и до 135 милиони евра, доколку се исполнат бонусите.


Брајтон со години продаваше играчи и ја полнеше клупската каса. На Челзи му ги продадоа и Марк Кукуреља за 65 милиони евра, Жоао Педро за 64 милиони евра, а на Арсенал Бен Вајт за 60 милиони евра.

На Ливерпул му беше продаден Алексис Макалистер за 42 милиони евра, а продаваа и ѕвезди како Ив Бисума, Дениз Ундав, Симон Адингра, Леандро Тросар, Роберт Санчез, Первис Еступињан, Дан Бурн и бројни други, развивајќи така совршен деловен модел.

Резултатите на Брајтон, истовремено, не само што не изостануваа, туку клубот излегуваше во Европа, а така ќе биде и оваа година кога стигнаа и до прагот на Лигата на шампионите.

Како тоа да не беше доволно, па Тони Блум реши да испише историја и на белгискиот фудбал. Стана мнозински сопственик на екипата Ројал Унион Сен-Жилоаз и со неа стигна до историската, прва титула шампион на Белгија по 1935 година.

„Jamestown Analytics“ се шири низ фудбалска Европа

Но, бидејќи УЕФА не дозволува два клуба со ист мнозински сопственик да играат во исто натпреварување, се случија промени што резултираа со тоа Блум повеќе да не е мнозински сопственик на Унион. Сепак, тој и понатаму е човек без чии одлуки и стручност не би можела да се гради приказната на овој интересен спортски колектив.

Дека резултатите на Блум не се случајност и дека неговите методи навистина се добитна комбинација, покажува и најновиот пример на Хартс. Шкотскиот клуб моментално е прв на табелата и се заканува да стане првиот тим по 41 година што ги симнал од тронот Селтик и Ренџерс.

Што се однесува до неговата покерашка кариера, Блум зад себе има многу успеси. Се појави на финалната маса на „World Poker Tour“, а исто така стигна и до финалната маса на два последователни „Poker Million настани“.


Првата голема победа ја оствари на „Australasian Poker Championship“ во Мелбурн во 2004 година, а потоа го освои второто место зад Гас Хансен на турнирот „Poker Million IX“ во Лондон.

Моделот на Блум рапидно се шири низ Европа и каде и да дојде, остава резултат заедно со одлично работење. Брајтон, Унион и Хартс соработуваат со „Jamestown Analytics“ за правилно да ги селектираат играчите и да ги доведат за малку пари, а потоа со нивна продажба да создадат основа за доведување десетици нови потенцијални производи.

Блум покажа дека за успех не се неопходни милијарди вложувања во играчкиот кадар, иако многумина мислат дека тоа е единствениот начин за постигнување резултати, а неговите методи ги презедоа многумина, истовремено зајакнувајќи го и неговиот фудбалски бренд и неговата заработка преку аналитичката платформа.