По 114 години Елек за спасување од „Титаник“ оди на аукција: На него има 8 потписи од преживеани, а цената …

Точка

15/04/2026

18:35

357

Големина на фонт

а а а

Елек за спасување што го носела патничката од прва класа, Лора Мејбл Франкатели, за време на несреќата во која потона „Титаник“ во 1912 година, ќе биде понуден на аукција, со проценета вредност до 400.000 евра.

Елекот Франкатели го облекла пред да влезе во спасувачкиот чамец број еден, откако бродот удрил во санта мраз, во ноќта на 14 април 1912 година. Таа подоцна го потпишала елекот, заедно со уште седум преживеани.

Единствен понуден на продажба

Франкатели починала во 1967 година, а елекот останал во нејзиното семејство сè додека пред околу 20 години не го купил британски приватен колекционер.

Станува збор за еден од ретките зачувани елеци за спасување од „Титаник“ и единствениот што досега е понуден на продажба.

Елекот во крем боја, произведен од компанијата „Fosbery & Co“, се состои од 12 платнени џебови исполнети со плута, со потпирачи за раменици и странични ремени.


Се качила во Шербур

Франкатели, тогаш 22-годишна секретарка од Ламбет во јужен Лондон, се качила на „Титаник“ во Шербур и патувала во кабината Е-36.

Работела за модната дизајнерка Луси Даф-Гордон, која патувала со својот сопруг, баронетот Космо Даф-Гордон.

Подоцна се потсетувала дека еден човек ѝ ставил елек за спасување и ѝ рекол дека станува збор само за мерка на претпазливост.

Кога стигнале на горната палуба, видела дека морето е поблиску до бродот отколку претходно и сфатила дека „Титаник“ тоне.


„Карпатија“ во спасувачка мисија

Франкатели и брачниот пар Даф-Гордон на крајот влегле во спасувачкиот чамец број еден, кој можел да прими 40 луѓе, но бил спуштен со само 12 патници и членови на екипажот.

Преживеаните подоцна биле спасени кога ги прибрал паробродот „Карпатија“, кој пристигнал околу два часа откако „Титаник“ потонал.


„Исклучително трогателен и култен предмет“

По несреќата, Франкатели се вратила во Британија, а во 1913 година се омажила за швајцарскиот хотелски менаџер Максимилијан Херинг. Парот во 1916 година се преселил во Њујорк, каде што воделе хотели и ресторан.

По смртта на сопругот во 1951 година, таа во 1954 се вратила во Британија.

Аукционерот Ендру Олдриџ изјави дека станува збор за „исклучително трогателен и култен предмет“, бидејќи поголемиот дел од преостанатите елеци од „Титаник“ се наоѓаат во музеи и никогаш нема да бидат продадени.

Елекот претходно бил изложен во Музејот на „Титаник“ во Пиџон Форџ во Тенеси, како и во музејот „Titanic Belfast“.

Аукцијата е закажана за 18 април.